Не може за долг од 2.000 евра извршителите да ви земат куќа или стан или да ги дадат на лицитација. Доколку, на пример, долгот е 1.000 денари, може да платите 1.500 денари со сите трошоци, а не 15.000 денари, вели за весникот ВЕЧЕР Маријан Ристески, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСОМ). Тој вели дека поради ваквите случаи системот за извршување во Македонија останува проблематичен за граѓаните. Вели дека бараат да се повлече предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување и да се отвори нова дебата во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни, односно освен извршителите, адвокатите и нотарите, и синдикатите и граѓанските организации што се занимаваат со оваа проблематика.
– Ние не бараме да се простат долговите, туку да се платат главниот долг и некои ситни трошоци, а не за 50 денари долг со адвокати и нотари да се плати 15.000 денари. Овој закон е грабеж на граѓаните. Не може ако должиш 1.000 денари, да платиш 15 или 20 илјади денари. Може трошоците да изнесуваат 500 денари максимум, а не да се неколкупати поголеми од основниот долг. Наместо да се вклучат адвокатите и нотарите и сите да наплаќаат, долгот директно од доверителот да оди на извршител – вели Ристески.
Според КСОМ, новиот Закон не ги решава суштинските проблеми и само ја „шминка“ постојната состојба, оставајќи го граѓанинот ранлив на несразмерните трошоци за мали долгови.
– Во текот на дебатата за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, нотарите, адвокатите и извршителите се скарале кој колку повеќе да земе на грбот на граѓаните – вели Ристески.
Еден од предлозите на КСОМ е да се плати само главниот долг на неколку рати, а каматите и другите трошоци да не се плаќаат. Ова се однесува само на јавните претпријатија и на акционерските друштва што се со државен капитал.
– Ние ќе бараме во новиот закон да има заштита на долгот и личен банкрот на граѓанинот. Исто така, ќе бараме заштита на единствениот долг, односно да не може да се земе недвижност ако не е под хипотека. Не може за долг од 2.000 евра да му земеш некому куќа или стан, односно да му ги ставиш на лицитација. Исто така, ќе побараме ако е застарен долгот, односно ако е од 8 до 10 години, да не се наплаќа, како што е со данокот на имот – вели Ристески.
Инаку, плаќањето данок на имот оди преку Управата за јавни приходи, не преку извршители. Така ако не се плати навреме, УЈП ви ја блокира сметката.
Неодамна, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, повторно го актуализираше прашањетo за воведување закон за личен банкрот. Тој смета дека не може до бесконечност да се толерираат луѓе што не се во состојба да ги намират своите обврски.
Тој потсети дека сите развиени земји имаат регулатива за личен банкрот.
– Според моите информации, имаме околу 120.000 блокирани сметки, граѓани без пристап до финансиските институции. Тие се жртви на некои други даватели на кредити со високи камати, лихварски. Треба да се актуализира прашањето, дали не е време да донесеме закон за личен банкрот, кој би решил некои прашања. Не може до бесконечност да се толерира таквата ситуација – луѓе што не може да ги намират своите обврски, а тие се зголемуваат со каматите на долгот – истакна гувернерот.
Од Министерството за правда оценува дека системот за извршување е функционален и ефикасен, а предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување има цел да ги прецизира недоречените законски решенија и да овозможи побрза и поефикасна наплата на долговите. Министерството тврди дека предлог-законот ќе овозможи подобра бизнис-клима и побрз обрт на средства во стопанството, но за КСОМ клучниот проблем, односно спрегата адвокат-нотар-извршител, останува нерешен.
(А. С.)












