Власта и земјоделците се согласуваат дека треба да се промени моделот на субвенционирање, односно да се даваат земјоделските субвенции по единица производ наместо по единица површина како што беше досега. Според земјоделските експерти, постојниот модел на субвенционирање е повеќе популистички и нема развојна компонента. Во моментов, субвенциите се користат како приход за земјоделските семејства, односно за покривање на основните животни потреби како што се храна, облека и сметки наместо за инвестиции во модерни агротехнички методи, кои би ја зголемиле продуктивноста и би ја намалиле цената на производството. Ова деновиве го истакна и академик Таки Фити, кој рече дека даваме огромни субвенции, а има сериозни индикации дека тие не даваат соодветни резултати

 

Се даваат големи пари за земјоделски субвенции, а увозот на храна постојано расте. Власта и земјоделците се согласуваат дека треба да се промени моделот на субвенционирање, односно да се даваат земјоделските субвенции по единица производ наместо по единица површина како што беше досега. Освен тоа, земјоделците бараат да се зголеми контролата и на субвенциите што се даваат за земјоделска механизација, односно да не им се даваат пари за трактори на оние што немаат потреба од нив и што потоа ги препродаваат. Според земјоделските експерти, постојниот модел на субвенционирање е повеќе популистички и нема развојна компонента.

Во моментов, субвенциите се користат како приход за земјоделските семејства, односно најголем дел од државната финансиска помош се троши на покривање на основните животни потреби како што се храна, облека и сметки наместо за инвестиции во модерни агротехнички методи, кои би ја зголемиле продуктивноста и би ја намалиле цената на производството.

– Наш предлог е прво да се утврдат приоритетите, односно да се утврди кои гранки и кои сектори се најпрофитабилни и најбрзо испорачуваат резултати. Исто така, субвенциите треба да бидат поврзани со годишното производство од одредена култура, односно да бидат условени со производството на одредени количини од одреден производ. Не може да се даваат субвенции за производство на домати, а да увезуваме домати од Албанија. Поради тоа, субвенциите треба да се даваат по единица производ, а не по единица површина – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Тој вели дека досегашното искуство покажало дека во Македонија има злоупотреба на субвенциите. Поради тоа, сега наместо да произведуваме големи количини земјоделски производи и да извезуваме, ние ги увезуваме од соседните земји.

– Државното земјоделско земјиште се дава под закуп на трети лица, што е спротивно на Законот за земјоделско земјиште, а концесионерите го користат правото на субвенции без притоа да има реални количини произведени земјоделски производи. Ако постојниот модел даваше вистински резултати, Македонија денес ќе имаше поголемо производство на храна и ќе можеше да влијае врз инфлацијата – додава Каракашев.

Ова деновиве го истакна и академик Таки Фити, кој рече дека даваме огромни субвенции, а има сериозни индикации дека тие не даваат соодветни резултати. Тој потенцира дека треба да се смени системот на субвенционирање.

– Ефектот од толку големите субвенции и порастот на БДП во земјоделството не се онакви како што се очекуваше со давањето на субвенциите. Но, тој систем останува, меѓу другото, зашто земјоделците се значајно гласачко тело и партиите на власт тешко се одлучуваат да им го скратат или намалат еднаш стекнатото право. Треба да се субвенционира земјоделството, но треба да се смени системот на субвенционирање. Ние уште субвенционираме врз база на посеани површини, таа работа не оди. Треба на аутпутот, на производот што се произведува и треба да одат тие субвенции во вистински раце, а тие често наместо кај земјоделците, завршуваат кај луѓето што зеле државно земјиште под закуп и што воопшто не се занимаваат со земјоделство. Земјоделството ни е многу битно, тоа е и еден од основните приоритети на идниот развој на државата – истакна Фити.

За разлика од Македонија, соседните земји како Албанија и Србија успешно спроведуваат развојни модели на субвенционирање, кои водат кон зголемено производство и кон конкурентност.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ