Синдикалните организации во Македонија останаа поделени и на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот 1 Мај. Сојузот на синдикати на Македонија излегоа на протест барајќи повисоки плати и подобри услови за работа. Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) и Конференција на синдикални организации на Македонија – КСОМ не учествува на протестот, бидејќи сметаат дека во земјава има добар социјален дијалог и дека проблемите треба да се решаваат на маса, а не на улица.
Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, за весникот ВЕЧЕР изјави дека оваа несогласување меѓу синдикатите постои подолго време, а причината е што не може еден синдикат да биде репрезентативен и да ги застапува интересите на сите работници во државата.
-Минатата година заедно со ССМ го организиравме првомајскиот протест. Оваа година имавме покана само од КСС, а ССМ сакаа сами да го организираат и не ни кажаа зошто. Ние немаме проблем дали ќе соработуваме со ССМ или со КСС и може да бидеме мост на синдикално обединување, но мора да седнеме заедно и да се договориме кои се приоритетите на работниците. Треба да имаме поквалитетен социјален дијалог и не може само еден синдикат да биде репрезентативен и да ги претставува интересите на сите 700 илјади работници, изјави Ристески.
Според него, праксата покажа дека досега синдикатите се манипулирани од власта и поради тоа не дошло до остварување на нивните цели, односно повисоки плати и подобри услови за работа на работниците.
-Ние предлагаме да се спушти прагот на репрезентативност и повеќе синдикати да бидат репрезентативни, а со тоа да се подели и одговорноста. Треба да се искористи ова расположение од Владата и да имаме квалитетен социјален дијалог. Не може да бараме 1.000 евра плата, а дел од работниците да немаат земено никаква, вели Ристески.
Од друга страна, пак, од ССМ ги отфрлаат обвинувањата за политичка поделеност и велат дека тие секогаш се на страна на работниците без разлика која политичка партија е на власт. Велат дека нема потреба да ги етикетираат, бидејќи и кога беше на власт претходната политичка партија и сега протестираат за иста работа – повисоки плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во интервјуто за весникот ВЕЧЕР го потврди ова и рече дека борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба и не може да се сфати никако поинаку, колку му се допаѓало тоа некому или не. Нејзиното политизирање секогаш зависи од нивната перцепција, дали се власт или се во опозиција.
(А.С.)