Не мора да ја плаќаме цената со живот поради импровизации

308

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, побара кривична одговорност од раководството на ЈСП во случај на исклучени безбедносни уреди, дозволување или игнорирање на функционалната несигурност или работење без дозвола.

– Ние не сме статистика. Ние сме луѓе. И не мора да ја плаќаме цената со живот поради импровизации и неспособност – вели Зајкова.

Таа реагираше откако обелодени Миќо Стојановски дека извесен период жичницата на Средно Водно работела без дозвола.

– Работела без дозвола, а превезувала деца и туристи. Кој ќе одговара за жичарницата на Водно? Колку трагедии уште треба да ни се случат за да ни ги отворат очите и за да станеме свесни дека некои работи не се за импровизација? Учиме ли навистина да превенираме или само ги залекуваме последиците, кои во многу наврати се неизлечиви? Колку скопјани (возрасни, деца), колку туристи биле изложени на ризик за својот живот во овие месеци? – прашува Зајкова.

Вели дека таа лично го носела својот петгодишен внук до врвот на Водно со таа жичница и нагласува дека ја лазат морници од помислата што сè можело да му се случи на секој од нас.

– Колку пати мораме да бидеме сведоци на неизмерна штета, па и човечки животи, за конечно да сфатиме дека мораме да ја поставиме безбедноста на прво место? Колку нови трагедии треба да ни покажат дека стандардите не се луксуз, туку се поставени за безбедност и заштита? – наведува таа.

Зајкова потенцира дека за секоја жичарница мора да има годишен технички преглед , но и вонредни инспекции пред секоја сезона, кои мора да ги вршат независни тела (не само ЈСП или тој што стопанисува со нив), а извештаите да бидат јавни и достапни.

Воедно, таа истакна дема треба се воведат современи сензори за вибрации, опуштеност и странични движења, кои автоматски го стопираат системот при ризик (како што е практиката во Австрија, Швајцарија и во Германија), бидејќи овие технологии спречуваат катастрофи уште пред да настанат.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ