Дали знаете дека, за жал, нашата земја се најде на 88 место според Индексот на перцепција на корупција на Транспаренси Интернешнл за 2024 година, со пад од 12 места и 2 поени помалку од претходната година. Ова е алармантен сигнал дека корупцијата продолжува да го кочи развојот, да ја разградува правната држава и да ја нарушува довербата меѓу граѓаните и институциите во нашата земја.
Несомнено, корупцијата не е само проблем на институциите, таа е реалност со која барем еднаш се соочил секој од нас, во секоја сфера на животот. Го краде нашиот потенцијал, ги нарушува шансите за чесен развој и ги понижува вредностите на правдата и еднаквоста, кои се основа на секое демократско општество.
Но, факт е дека корупцијата не е непобедлива. Многу земји ширум светот, со упорност и храброст, докажаа дека може да се направи вистинска и долготрајна промена. Со солидарност и граѓанска одговорност и ние може да изградиме општество каде правдата и транспарентноста ќе бидат неприкосновени.
Зошто да не ја создадеме таа промена и кај нас? Секој од нас има моќ да направи разлика – со својот глас, со својата храброст, со одлуката да не молчи.
Кампањата „0% корупција – Ајде да е вистина!“, која се спроведува преку проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ и е во блиска соработка со Министерството за внатрешни работи е токму директен повик до сите граѓани да ги прекршат ѕидовите на молкот и стравот. Таа ги охрабрува сите да ја пријавуваат корупцијата без страв од евентуални последици, бидејќи пријавувањето не е само граѓанска должност, тоа е лична победа над неправдата и јасна порака дека нема да дозволиме нашето општество да биде заробено од врски и мито.
Клучот за враќање на довербата во институциите и за изградба на праведно и чесно општество е во твои, мои, наши раце. Зошто да молчиме и да се плашиме да застанеме зад вистината? Во време кога секој глас има значење, нашиот заеднички чин на храброст е почеток на вистинската промена.
Не чекај. Направи го првиот чекор – пријави. За себе, за своето семејство, за иднината што сите ја заслужуваме. Заеднички да ја промовираме чесноста и вербата дека иднината може да биде подобра, почесна и праведна.
Не молчи, пријави за праведна иднина! Ајде „0% корупција“ да направиме да е вистина!
ПР објава