Загрижена мајка раскажува за голготата што ја поминала со својот син откако тој, не забележувајќи ја таблата на која пишува дека е забрането пиењето вода, бидејќи била на оддалечено место, затскриена меѓу дрвјата, се напил од чешмичката до црквата „Свети Јован Крстител“ во населбата Капиштец. Тоа, како што објаснува таа, нејзиниот син го сторил во два наврата. Оттаму започнало нивното патешествие, бидејќи детето втора недела не оди на училиште и, како што наведува, е на постојана релација тоалет – спална. – Во цел нормален свет, таквите чешми или се секнуваат или се оградуваат за да не може да се пријде до нив и, нормално, таблата со опомена е на самата чешма, во висина на погледот на намерникот што се наведнал да пие вода – реагира загрижената мајка
Загрижена мајка раскажува за голготата што ја поминала со својот син откако тој, не забележувајќи ја таблата на која пишува дека е забрането пиењето вода, бидејќи била на повисоко место, затскриена меѓу дрвјата, се напил од чешмичката до црквата „Свети Јован Крстител“ во населбата Капиштец.
Тоа, како што објаснува таа, нејзиниот син го сторил во два наврата.
Таму започнало нивното патешествие, бидејќи детето втора недела не оди на училиште и, како што наведува, е на постојана релација тоалет – спална.
– Сигурно сите барем еднаш во животот сме имале стомачен вирус и знаеме колку е исцрпувачки тоа. Ова што му се случи (случува) на мојот син е сто пати пострашно – ја започнува приказна таа, сакајќи да ги предупреди другите да не пијат вода од таа чешма.
Во немоќ да му помогне во прв наврат, мајката раскажува дека реагирала несоодветно и го искарала зошто морал да пие од сите чешмички што ги видел. На тоа тој ѝ одговорил: „Па, мамо, за тоа постојат, нели, за жедни луѓе да се напијат вода и плус оваа е под црквата и мене ме асоцираше дека е како извор и света вода“.
Таа гледа со неверување дека ова, како што вели, ќе стигне или ќе допре до надлежните, потенцирајќи дека не ја интересира политиката и тоа кој е, кој бил и кој ќе биде на власт, но, како што потенцира, ја интересира кој „адекватен“ ја поставил на висина од три метри таблата за опомена дека е водата бактериолошки неисправна и забранета за пиење, скриена во крошните на дрвјата, зад грбот на, како што потенцира, жедниот намерник.
– Во цел нормален свет, таквите чешми или се секнуваат или се оградуваат за да не може да се пријде до нив и, нормално, таблата со опомена е на самата чешма, во висина на погледот на намерникот што се наведнал да пие вода.
Едноставно сум со некоја мешавина од чувства: разочараност, револт, истоштеност, па дури и сопствена немоќ во целава ситуација – реагира загрижената мајка.
Од Центарот за јавно здравје велат дека вршат контрола на јавните чешми во Скопје и во скопските села, кои може да бидат чешми на градски водовод, каптирани извори или бунари, а потоа добиените резултати ги испраќаат на и-мејл во надлежната општина.
– Вршиме само анализа на водата (бактериолошка и физичко-хемиска) – децидни се од Центарот за јавно здравје, нагласувајќи дека општините поставуваат табли за забрана за пиење вода.
Општина Центар веднаш реагираше, таблата е поставена над чешмата
Откако весникот ВЕЧЕР го презентираше случајот со несоодветно поставената табла за тоа дека водата од чешмичката до црквата „Свети Јован Крстител“ во Капиштец е забранета за пиење, од Општина Центар веднаш излегоа на терен. Притоа констатираа дека таблата била поставена од Општина Карпош, бидејќи на неа било напишано нејзиното име, а црквата е на границата меѓу двете општини. Но, и покрај тоа, веднаш реагираа и ја преместија веднаш над чешмата. И од Општина Карпош рекоа дека веднаш ќе излезат на терен и ќе сторат сè што можат (или да ги исечат гранките од дрвјата или да ја преместат таблата на друго повидливо место) за да нема повеќе вакви случаи, но од Општина Центар беа побрзи.
(А. П.) Фото: (Ѕ. П.)