Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го осудува обидот на в.д. градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски, за, како што вели, „оцрнување на стручноста и професионалноста на АХВ и нејзините вработени инспектори преку социјалните мрежи, глумејќи инспектор во угостителски објекти за кои тврди дека се дивоградби и порачува дека не издаваат никакви HACCP-дозволи, туку дека само ја контролираат работата на операторите со храна.
Притоа нагласуваат дека АХВ е стручна институција, дека вработените професионално ја вршат својата работа и додаваат дека инспекциските контроли се спроведуваат согласно со Годишниот план за инспекциски надзори и по поднесени претставки и иницијативи за вонредни инспекциски надзори.
– Професионално, АХВ не навлегува во ингеренциите на други институции, но за наводите на в.д. градоначалникот во однос на работењето на АХВ, само го информираме дека Агенцијата не издава никакви HACCP-дозволи како што тврди тој во јавноста, туку ја контролира работата на операторите со храна, само и исклучиво од аспект на исполнетост на општите и на посебните услови за безбедност, согласно со законските и подзаконските акти што ја уредуваат оваа материја, регистрирајќи ги како оператори со храна во регистарот на институцијата – велат од АХВ.
Оттаму додаваат дека токму според овие прописи в.д. градоначалникот не е овластено лице и не смее да врши контрола кај операторите со храна што се подготвува во угостителските објекти што „ги контролира“ тој и што, како што велат, може да ја контаминира влегувајќи во кујните без заштитна облека и поседување санитарна книшка за потврдување на својот личен здравствен статус.
– Во ниту едни прописи, ниту во националните ниту во европските, не е дефинирано дали и какви фуги треба да има на плочките во кујните, а вработените лица во двете одделни кујни може да користат посебен санитарен јазол, што, како што беше јасно од видеото дека е обезбедено од угостителот, како одделно од она наменето за гостите – посочуваат од АХВ.
Пред два дена, градоначалникот Крстевски влезе во пицерија во градот и пренесуваше видео на социјалните мрежи, коментирајќи дека се пуши во затворен простор, дека има приклучок за струја во објект што е дивоградба, дека има само еден тоалет и за мажи и за жени и дека има две кујни како посебни објекти, од кои едната нема тоалет. Крстевски на 18 јуни поднесе кривична пријава до Кочанското обвинителство, против угостители за узурпација и бесправна градба, за кои рече дека работат надвор од законските прописи и стандарди, дека е загрозена безбедноста на жителите и на гостите и дека институциите не смеат да дозволат да се случи „Пулс 2“.