Суперкупот на ВТБ лигата ќе се одржи оваа година во Белград, а на него ќе играат ЦСКА од Москва, Зенит, Црвена звезда и Дубаи, додека засега е познато дека клубот од Емирати нема да биде комплетен. Имено, Дејвис Бертанс го информирал својот клуб дека не може да игра на турнирот од политички причини, што значи дека не сака да го дели теренот со играчите од руските клубови.
- Разговарав со тренерот и генералниот менаџер на Дубаи. Го изразив моето мислење и тие целосно ме поддржуваат. Нема да играм турнири на кои учествуваат клубови од земја агресор, изјави Бертанс за летонските медиуми.
Исто така, ако Дубаи закаже пријателски натпревари со некој руски клуб, што е можно и да се случи, тој исто така нема да игра.
- Со оглед на тоа кој го организира турнирот и под кое име, не можам да играм, дури и да е натпревар против Црвена звезда. Клубот ме поддржува, иако тренерот на почетокот не ја гледаше ситуацијата од иста перспектива, нагласи Дејвис Бертанс, кој не објасни што ќе се случи ако Евролигата ги врати руските клубови во елитното натпреварување од следната сезона.
Инаку, руските клубови не играат во Евролигата од 2022 година, кога започна агресијата на Русија против Украина, додека имаше многу контроверзии околу учеството на Макаби Тел Авив, поради сè што направи Израел во Газа.