Ракот на дебелото црево, кој порано се јавуваше главно кај постарата популација, сè повеќе се дијагностицира кај луѓе под 55 години.
Иако некои фактори на ризик, како што е генетиката, не можат да се контролираат, животните навики играат многу важна улога.
Нова студија, објавена во списанието „Cancer“, детално испита како доживотната консумација на алкохол влијае на ризикот од развој на рак на дебелото црево. Веќе во раната фаза од анализата, клучната количина на алкохол беше изолирана. Луѓето кои пиеле 14 или повеќе алкохолни пијалоци неделно имале 25 проценти поголем ризик од развој на овој облик на рак во споредба со оние кои пиеле помалку од еден пијалок дневно. Ризикот од рак на ректален дел бил дури 95 проценти поголем, објавува „Eating Well“.
Студијата се базирала на податоци од речиси 88.000 учесници од голема студија за скрининг на рак на простата, белите дробови, дебелото црево и јајниците (PLCO), која истражувачите ја следеле во просек 14 1/2 години.
Долготрајната и прекумерна консумација значително го зголемува ризикот
Интересно е што резултатите покажаа посложена слика. Учесниците кои пиеле просечно помеѓу седум и 14 пијалоци неделно имале 21 процент помал ризик од колоректален карцином од оние кои пиеле алкохол многу ретко. Овој ефект бил особено изразен кај дисталниот карцином на дебелото црево.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека ова е опсервациска студија, која укажува на поврзаност, но не може да докаже причинско-последична врска. Авторите, исто така, предупредија за ограничувањата на студијата, вклучително и потпирањето на сеќавањата на учесниците за консумација на алкохол, како и фактот дека примерокот не бил целосно репрезентативен за целата популација.
И покрај ова, пораката, студијата е јасна: долготрајната и прекумерна консумација на алкохол носи значително поголем ризик од колоректален карцином, додека резултатите за можниот заштитен ефект на умереното пиење мора да се толкуваат со претпазливост и на никаков начин не претставуваат препорака за започнување со консумација на алкохол.












