Намалувањето на цената на јајцата нема да предизвика спирала на поевтинување на другите производи во маркетите. Според познавачите на состојбите на пазарот, поевтинувањето на јајцата е изолирана корекција на цените на претходно екстремното поскапување, а не почеток на општ пад на цените. Поголемо поевтинување на другите производи засега не се очекува, бидејќи сè уште нема поголемо намалување на цените на енергенсите и на суровините на светските берзи.
По неколку месеци вртоглаво растечки цени, кои го оптоварија семејниот буџет, цената на јајцата, конечно, тргна надолу. Во поголем дел од маркетите низ земјава, цените за табла од 30 јајца се намалија од 400 на 279 денари, додека пакувањето од 10 јајца од 135 падна на 99 денари. Дел од маркетите веќе ги коригираа цените, а ревидирањето ќе продолжи и во наредните денови.
Намалувањето на цените доаѓа по долг период на неизвесност и на постојано поскапување, кога јајцата се претворија во симбол на растечките трошоци за живот. Трговците објаснуваат дека стабилизацијата на производството и зголемената понуда на свежи јајца овозможиле простор за корекција на цените, а умерената побарувачка дополнително го намалила притисокот.
Експертите се децидни дека и покрај тоа што намалувањето на цените на јајцата е поради намалувањето на цените на суровините, зголеменото производство и намалената побарувачка, сепак, се надеваат дека ова може да биде иницијална каписла за почеток на намалувањето на цените и на другите производи.
– Не постои индустрија што исклучиво се базира на јајца и каде што намалувањето на цената на јајцата може значително да влијае на крајните производи. Најголема примена имаат во кондиторската индустрија, но и таму големо влијание имаат и цената на брашното, шеќерот… Ние имаме домашно производство, но имаме и увоз, кој не може да го спречиме, бидејќи имаме договори за слободна трговија – коментираат познавачите на пазарот за весникот ВЕЧЕР.
Според нив, нема производ што може да поевтини затоа што поевтиниле јајцата, бидејќи во некои сектори доминантни се енергенсите, некаде други суровини. Но, се надеваат дека намалувањето на цените на јајцата може да биде почеток на крајот на драстичниот раст на цените.
Тие се надеваат дека ќе продолжи падот на цените во оваа индустрија, бидејќи следуваат постови, кога има намалена потрошувачка на јајца и на месо. Од друга страна, ова може да го зголеми извозот на нашите јајца, кои се доста квалитетни и барани на пазарите во регионот. Македонските јајца најмногу се извезуваат во Хрватска и во Грција, а на нашиот пазар, освен домашни, се пласираат и увозни, најмногу од соседна Србија.
Ова за весникот ВЕЧЕР го потврдија и од Министерството за економија и труд, од каде што велат дека поевтинувањето на јајцата е изолиран случај, но може да предизвика спирала на поевтинување.
– Поради јајцата, немаше зголемување на цените на другите производи. Зголемувањето на цените на јајцата, пак, беше резултат на надворешни фактори, раст на трошоците за сточна храна, поскапување на пченката и на сојата на светските берзи, нарушени синџири на снабдување, птичји грип и на зголемен извоз. Сега цените на суровините се стабилизираа, се стабилизираше и состојбата со птичјиот грип, а со тоа и цените на јајцата – велат од Економија.
Оттаму додаваат дека не само на јајцата туку и цените на храната и на пијалаците во декември забележале намалување, а поскапување има само кај транспортот, поради што не се предвидени мерки за спречување на инфлацијата.
Граѓаните велат дека не се само јајцата туку треба да поевтинат и другите производи. Тие се надеваат дека овој сигнал на живинарската индустрија ќе го следат и производителите на другите основни прехранбени производи.
(А. С.)












