Бројките што ги обелодени денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, укажуваат дека кај нас повеќе нема сезона на пожари. Тој истакна дека во јануари и во февруари годинава, кои се едни од најстудените месеци, имало вкупно 262 пожари, во март 495, во април 99 бидејќи беше врнежлив, во мај 71, во јуни 317, а во трите дена од овој месец имало 43 пожари на отворено

Македонија не е имуна на пожарите дури и кога е студено времето. Бројките што ги обелодени денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, укажуваат дека кај нас повеќе нема сезона на пожари.

Тој истакна дека во јануари и во февруари годинава, кои се едни од најстудените месеци, имало вкупно 262 пожари, во март 495, во април 99 бидејќи беше врнежлив, во мај 71, во јуни 317.

А, во трите дена од овој месец се регистрирани 43 пожари на отворено. Со оглед на тоа што јули и август се најтоплите месеци во годината, Ангелов прогнозира дека нè очекува многу жешко и тешко лето.

Тој упати апел до граѓаните што имаат викендички или куќи во кои не живеат, постојано да ја косат тревата и да ги средуваат дворовите за да не дојде до запалување.

Ангелов успеал да издејствува вработените во авиоодделението на ДЗС, каде што се и „ер тракторите“, да добијат двојно зголемени плати, бидејќи се секогаш во првата борбена линија со пожарите. Упати повик до оние што имаат професионална дозвола за летање да се јават во Дирекцијата и рече дека за нив е предвидена специјална дообука за управување со „ер трактор“.

За справување со пожарите, ДЗС може да добие на располагање и два армиски хеликоптера и два полициски хеликоптера.

– За управување со полициските и со воените хеликоптери, потребни се двајца пилоти и трет, кој седи зад нив, како и уште еден член на екипажот, кој ракува со едрото од кое се истура вода. Додека за управување со „ер трактор“ е потребен само еден пилот, што значи дека таа операција е многу поевтина – истакна Ангелов.

Тој најави дека веќе разговарал со тројца пилоти и се надева дека до следното лето ќе има најмалку шестмина.

Од вкупно 29 пожари евидентирани на територијата на државава, 25 се успешно локализирани и ставени под контрола. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека остануваат активни четири пожари и бараат постојана интервенција и мониторинг.

Таков е пожарот кај селото Градешница, Валандовско. Иако огнената стихија претходно беше смирена, таа повторно се разгоре, поттикната од силниот и топол ветер.

– Зафатена е голема површина, при што пожарот е распространет на два огнени крака, од кои едниот се движи кон селата Казан Дол и Фурка, а другиот кон Општина Богданци – соопштија од ЦУК.

Во гаснењето на пожарот биле ангажирани повеќе од 50 лица, а градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, побарал воздушна поддршка за гаснење на пожарот. Но, како што информираат од ЦУК, биле известени од МВР дека поради технички причини, не може да обезбедат хеликоптерска поддршка.

Дополнително, ЦУК доставил барање и до Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), но до овој момент сè уште немало одговор.

– Паралелно, испратено е и барање до Генералштабот на Армијата за можност за ангажирање воздушна поддршка и се очекува одговор и од негова страна – се наведува во соопштението од ЦУК.

Оттаму додаваат дека станува збор за сериозен пожар, кој зафаќа голема површина со населени места од расфрлан тип, што претставува потенцијална закана за животот и за здравјето на населението, како и за објектите, имотот и за инфраструктурата во регионот зафатен од пожарот.

Активен е и пожарот во селото Паљурци – Богданци, каде што се запалени ниска вегетација и мешана ниска шума. Потоа во селото Црешнево, Македоски Брод, каде што гори деградирана дабова шума, но пристапот до теренот е отежнат и тоа дополнително го отежнува гаснењето. Гори и во селото Длабочица, Старо Нагоричане, каде што се шири пожарот низ мешана шума со бор и со бука, на тежок и непристапен терен.

– За жал, во овој пожар во Кумановско имаме повредено и една вработена во „Македонски шуми“, која е пренесена во Општата болница во Куманово. Ова е четврта повреда на вработени во „Македонски шуми“ во борбата со огнените стихии. Двајца беа подложени на кислородна поддршка, а други двајца имаат други повреди – информираше Кире Михаилов, заменик-директор на ЈП „Национално шуми“.

Од ЦУК ги повикуваат граѓаните на максимална внимателност, да не палат оган на отворено и да пријават на телефонскиот број 112 каква било појава на чад или на пламен. Оттаму нагласуваат дека поради екстремно сувата вегетација, високите температури и силниот ветер, опасноста од појава и ширење на нови пожари останува многу голема.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ