Не брзам да преговарам со Иран, вели Трамп

21
EPA/Al Drago / POOL
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека иако Техеран изразува желба за разговори со САД, тој „не брза да започне преговори“.

„Тие би сакале да разговараат. Не брзам да разговарам, бидејќи ги уништивме нивните постројки“, им рече Трамп на новинарите по враќањето во Вашингтон од посетата на Питсбург.

Како што вчера објави порталот „Аксиос“, повикувајќи се на информирани извори, американскиот државен секретар Марко Рубио и министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Обединетото Кралство во телефонски разговор се согласија да го постават крајот на август како де факто рок за постигнување нуклеарен договор со Иран.

Од друга страна, ниту официјален Техеран не брза, судејќи според неодамнешната изјава на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, кој рече дека САД инсистираат на враќање на преговарачката маса за иранското нуклеарно прашање, но дека Техеран ги разгледува сите опции и не брза.

Сепак, Израел верува дека Иран потенцијално може да го пронајде збогатениот ураниум закопан под една од трите локации погодени од американските сили минатиот месец.

Висок израелски функционер, кој не сакаше да биде именуван, рече дека разузнавачките информации покажуваат дека голем дел од збогатениот ураниум на Иран е закопан во Исфахан, кој беше погоден од крстосувачки ракети лансирани од подморница за време на „Операцијата полноќен чекан“ на 22 јуни.

ИЗДВОЕНИ