Со доделување на наградите за најдобрите, во неделата, на 28 септември во
Гевгелија заврши четвртиот меморијален еднодневен турнир во забрзан шах
„Венци Попов 2025“.
На турнирот, кој го организираа фамилијата Попови и Шаховскиот клуб „‘-ми Ноември“ од Гевгелија а кој традиционално се одржува во чест на истакнатиот гевгелиски и македонски шахист Венци Попов, учество зедоа 153 шахисти во машка и женска конкуренција од Македонија, Србија, Германија, Албанија, Грција, Бугарија и од Косово. Беа одиграни девет кола по швајцарски систем и со темпо на игра од 10 минути по играч.
Третото место и наградата од 17.000 денари му припадна на македонскиот
интернационален мајстор Никола Николовски, второто место и паричната награда
од 20.000 денари ја освои македонскиот интернационален мајстор Филип
Панчевски, додека првото место и наградата од 25.000 денари заслужено замина
кај интернационалниот мајстор од Косово Ндерим Сарачи. На турнирот беа
доделени и неколку специјални награди.
За најдобро пласиран гевгелиски шахист беше прогласен Борче Танчев, најдобар млад играч до 18 години беше Неделковски Андреј, најдобар играч над 65 години, Стошевски Илија а за најдобра шахистка беше прогласена Сиску Евангелија од Република Грција.
Венци Попов е роден на 22 февруари 1962 година во Гевгелија, a почина во 2013
година. Со најстарата игра шах се запознал на петгодишна возраст, а првите
потези во шахот ги научил од својот татко, кројач, Душан Попов. Додека неговите
родители се на работа, тој, заедно со својата сестра, Нада Попова, изработуваат
табла и шаховски фигури од картон и самите играат шах.
Во 1975 година, тој и неговата сестра станале членови на тогаш формираниот
шаховски клуб „7 Ноември“. Во 1977 година Попов станал младински шампион на Гевгелија, додека во 1978, 1979 и 1980 година, на првенствата во Охрид и Отешево, трипати едno по другo бил младински шампион на Македонија. Настапувал и на неколку домашни и меѓународни турнири, каде што со својата игра го привлекува вниманието на шаховските експерти.
Својот најголем успех дотогаш, а воедно и најголем успех на еден македонски
шахист, Венци Попов го постигнал на силниот меѓународен турнир во Бела Црква,
во конкуренција на петстотини шахисти од целиот свет. Потоа Попов победи голем
број југословенски и светски велемајстори, меѓу кои и светската шампионка Нона
Гаприндашвили и велемајсторот Слободан Мартиновиќ. Со овој резултат, Венци
се здобива со меѓународен рејтинг од 2405 поени, што беше најдобар пласман на
еден македонски шахист во тогашна Југославија.
Љ.А.