Поранешниот седми пик на НБА-драфтот, Бен Меклемор, ќе мора да отслужи осумгодишна затворска казна поради силување што се случило на домашна забава на езерото Освего, во 2021 година.
Меклемор, кој нема играно во НБА од 2022 година, има 32 години, покрај силувањето, беше осуден и за пенетрација без дозвола, но некои обвиненија беа отфрлени, па на крајот доби точно 100 месеци затвор. На судењето, тој беше облечен во затворска облека и не даде изјава.
- Се надеваме дека храброста на жртвата да раскаже сè за овој случај ќе им даде храброст на другите жртви да проговорат. Казната што ја доби осудениот треба да биде потсетник дека нема да се толерира вакво однесување во нашата заедница и дека секогаш ќе им изрекуваме затворски казни на сторителите – рече адвокатот Скот Хили.
Ова би можело да биде само почеток на казните, бидејќи во случајот се споменуваат и други НБА-играчи. Всушност, ова ужасно злосторство се случило на 3 октомври 2021 година, во домот на Роберт Ковингтон. Овој неодамна пензиониран НБА-кошаркар играше за Хјустон, Филаделфија, Минесота, Портланд и за Лос Анџелес клиперс, а во 2018 година беше во дефанзивниот тим на НБА.
- Се надеваме дека судските власти ќе ја разгледаат оваа одлука и ќе одлучат дали ќе ги отслужи тој сите 100 месеци од казната или ќе добие намалување, бидејќи бил под дејство на алкохол, а, инаку, е чесна личност што живеела чесен живот – изјави адвокатката на Меклемор, Кристен Вајнмилер.
Во сведочењето се наведува дека жртвата се онесвестила од пиење, на каучот во дневната соба, во два часот изутрина. Потоа се разбудила и сфатила дека Меклемор веќе пенетрирал со прстите и почнал да има секс со неа. Адвокатскиот тим на Меклмор тврди дека врската била со заемна согласност.
- Ова беа најдолгите четири години во мојот живот. Никогаш не можев да замислам дека ќе се случи ова во 2021 година. Последните неколку години беа товар што морав да го носам и постојано ме потсетуваат на траумата што не можев целосно да ја обработам, бидејќи крајот на сè не беше на повидок. Затоа многу жртви се двоумат да кажат што им се случило – рече жртвата.
Меклмор, кој некогаш беше еден од најталентираните колеџ-играчи, беше неверојатен спортист. По четири години во Сакраменто, тој играше за Мемфис, а потоа се врати во Кингс. Тој играше и за Хјустон, Лејкерс и за Портланд, а потоа се упати кон Европа, каде што играше до крајот на оваа сезона. Почна во АЕК, потоа играше за Бреоган, а потоа за Меркезефенди.