Искусниот шпански плејмејкер Рики Рубио отворено ја критикуваше состојбата на најсилната кошаркарска лига во светот, нагласувајќи дека НБА сè повеќе го губи своето првобитно значење и станува обична забава, а не спорт.

Рубио, кој играше за Минесота, Јута, Феникс и Кливленд од 2011 до почетокот на 2024 година, моментално е без клуб откако ја напушти Барселона во февруари. Иако помина повеќе од една деценија во НБА, тој не го криеше своето разочарување од насоката во која се развива лигата.

  • Никогаш не сум бил заљубен во американската култура или традиција. Сепак, ме интересира влијанието што САД го имаат врз светот, особено врз кошарката. Тие ја претворија НБА во шоу и бизнис, оставајќи ја настрана вистинската љубов кон кошарката. За жал, истото се случува и во Европа, рече Рубио во интервју за „Hoopshype“.

Познат како еден од плејмејкерите со најдобра визија за игра во својата генерација, Рубио е запаметен по своите извонредни асистенции и кошаркарска интелигенција. Тој се осврна и на негативниот тренд што, според него, се прелева на европскиот континент.

Сè повеќе клубови, верува тој, ја жртвуваат автентичноста на играта заради комерцијален успех, со што го губат она што ја правеше кошарката посебна.

ИЗДВОЕНИ