Откако Комуналец остана „обезглавен“ по апсењето на директорот Сабахудин Рустеми и повикот на Данела Арсовска, власта да назначи нов, Управниот одбор на Јавното претпријатие објави „итна ургенција“во која ја предупредуваат градоначалничката дека градот е пред „алармантна состојба“ со одржување на хигиената. Во дописот во кој се питпишале половината од членовите во името на Управниот одбор информираат дека претпријатието е речиси пред колапс, односно пред целосен прекин на работата, бидејќи резервите на нафта за возилата за собирање отпад се при крај.
„За ваше запознавање, во моментов се при крај резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в.д.директор,“ се вели во ургенцијата.
Управниот одбор директно ја посочува одговорноста кај градоначалничката Арсовска, бидејќи претпријатието нема назначен в.д. директор кој може да ја потпише неопходната набавка.
„Доколку во најкус можен рок не назначите в.д.директор на ЈП Комунална хигиена-Скопје, одговорноста за алармантната состојба со одржувањето на хигиената во градот Скопје е ваша,“ стои во писмото потпишано од членовите Јане Попоски, Тодор Шоптрајанов, Влатко Кметовски, Љумние Хаскај, Теута Џафери, и претседателката Јулијана Спировска.
Членовите на Одборот ја потсетуваат Арсовска дека, „спротивно на нејзините тврдења“ , ингеренциите за назначување и разрешување на директори на претпријатието ги има „исклучиво“ градоначалникот. Тие се повикуваат на членот 24 од Законот за јавните претпријатија и членот 40 од Статутот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, според кои на Арсовска ѝ даваат овластување да именува в.д. директор, особено кога состојбата во претпријатието „итно го налага тоа“.
Во дописот, УО ја потсетува градоначалничката и дека „во текот на изминатите четири години токму таа именувала пет в.д.директори на ЈП Комунална хигиена-Скопје и разрешила четири од нив. Управниот бара од Арсовска да назначи вршител на должноста кој ќе раководи со претпријатието, со цел да се овозможи неговата примарна дејност и да се заштити животната средина и јавното здравје.













