По повод месецот на карциномот на кожа, а во рамките на европската кампања „Еуромеланома“, за рана детекција на рак на кожата, како една од најзастапените форми на рак во светот, на 29 и 30 мај 2025 година, од 11 до 14 часот во Општата болница во Гевгелија, ќе се вршат бесплатни дермоскопски прегледи.

– Ракот на кожата, кој најчесто е предизвикан од прекумерно небезбедно изложување на сонце, може да има добра прогноза и висок процент на излекување, но за жал свеста за неговите симптоми моментно е ниска и претставува ризик за можностите за витално рано откривање – вели за весникот ВЕЧЕР докторката Софија Гугова-Пеева, специјалист-дерматовенеролог од амбулантата за кожни и венерични болести при Општата болница во Гевгелија.

Иако ракот на кожата сè уште е многу редок кај младата популација, за жал станува се почест во последните години. Така, најмладиот пациент третиран на Универзитетската клиника за дерматологија – Скопје, бил на 11 години.

– Затоа е многу важно да се знае кои се сомнителни знаци: менување на големината, бојата и формата, промената е поинаква од останатите, асиметрична е, крвавење од неа, личи на рана која не зараснува – потенцира докторката.

Ракот на кожата е најчестата форма на рак во светот и приоритетен глобален јавно-здравствен проблем. Најчесто се јавува кај луѓе над 50-годишна возраст, што не значи дека и другите не треба да бидат засегнати. Меланомот е меѓу шесте најраспространети типови на карцином и еден меѓу дваесетте најчести причинители за смрт од рак, според заедничката изјава на Европската академија и на македонското здружение на дерматовенеролози.

Во нашата земја кожните карциноми се исто така во алармантен пораст, што е во согласност со светските трендови. Тие претставуваат единствени карциноми кои може да се откријат со голо око и на тој начин да се дијагностицираат во рана фаза на развој. Навремениот преглед спасува живот. Со ваквите превентивни прегледи освен преглед на самата кожа правиме и едукација и даваме корисни совети за фотозаштита од УВА и УВБ-зраците.

Годинешното мото на кампањата „Еуромеланома“ е: Заштитете ја детската кожа од штетните УВ-зраци: „Една изгореница= доживотен ризик“ и се фокусира на едукација на родителите и децата за важноста на правилната заштита од сонце, со посебен акцент на акутните и хроничните опасности од штетните УВ зраци.

– Сончевите изгореници од сонце во детство го зголемува двојно ризикот за развој од меланом и други кожни карциноми подоцна во животот. Затоа сите имаме одговорност да ја подигнуваме свеста заедно и да учиме здрави навики од најмали нозе – истакна Гугова-Пеева.

(Љ.А.)

ИЗДВОЕНИ