Навoдната тајна ќерка на Путин го прекина молкот: Тој е личноста која одзеде милиони животи, вклучувајќи го и мојот!

327

Луиза Розова, наводната ќерка на Владимир Путин, првпат отворено проговори за својот татко и за животот во француски егзил. Овој потег на младата жена, која досега живееше речиси невидливо, предизвика вистинска сензација, пишува БИЛД, цитирајќи дел од нејзините зборови.

„Прекрасно е што можам повторно да му го покажам моето лице на светот. Ме потсетува секој ден која сум по раѓање и кој ми го уништи животот. Личност која одзеде милиони животи, вклучувајќи го и мојот“, напишала таа на каналот „Телеграм“, откако по неколку обиди на весникот да стапи во контакт со неа, го прифатила новинарот во нејзината група на „Телеграм“, „Уметноста на Луиза“, тврди БИЛД.

Но, Луиза Розова е само псевдоним под кој во Париз се крие Елизавета Кривоногих, родена на 3 март 2003 година во Санкт Петербург. Во 2020 година, истакнатата платформа за критички истражувања на Кремљ, „Проект“, беше првата што откри дека таа наводно е вонбрачна ќерка на рускиот лидер и дека нејзината мајка одеднаш стекнала огромно богатство по породувањето. Клучниот доказ за врската со Путин, меѓу другото, се наоѓа во нејзиниот извод од матичната книга на родените. Рубриката за таткото е празна, но „Владимировна“ е наведено како патроним. Покрај тоа, постои изненадувачка физичка сличност.

Пред еден месец БИЛД отиде да бара траги во Париз, каде што Луиза Розова во меѓувреме дипломирала на уметничката академија ИЦАРТ. По прифаќањето на новинарот во нејзината група на „Телграм“, „Уметноста на Луиза“, освен изјавата што ја напишала, таа првпат објавила и фотографии од себе, наместо исечени слики на кои се гледаат само нејзините нозе и „селфиња“ со косата преку лицето, како што обично објавувала.

Во парискиот егзил, Луиза Розова се обидува да го промени својот имиџ, наведува БИЛД. Некогаш видена како патува низ светот со приватен авион, настапува како диџеј во популарни клубови и носи дизајнерска облека, сега ја осудува војната во Украина на „Инстаграм“.

Според „Дејли мејл“, пак, тајната ќерка на рускиот претседател живее во Париз под псевдоним од почетокот на руската инвазија на Украина и се претставува како роднина на сојузникот на Путин, Олег Руднов. Таа има пасош во кој е наведена како Елизавета Олеговна Руднова со година на раѓање од времето кога Путин беше руски претседател, оженет со првата дама Људмила Путин, од која подоцна се разведе. И Истрагата на украинската телевизиска станица ТСН довела до податок дека таа исчезнала од Русија непосредно пред почетокот на војната во Украина.

По обемно истражување, ТСН откри дека Елизавета го променила презимето во Руднова, според Олег Руднов, близок соработник на Путин кој некогаш договарал зделки со луксузни недвижности. Промената на презимето дополнително ја нагласува врската со Путин, објави ТСН.

– Колку што знам, нешто се случи во октомври 2021 година затоа што го избриша својот профил на „Инстаграм“. Како некој да ѝ рекол: „Стоп!“ – рече Андреј Захаров, новинарот кој го откри постоењето на наводната вонбрачна ќерка на Путин.

Нејзината мајка, Светлана Кривоногих, е од Санкт Петербург, каде што работела како чистачка во продавница кога кон крајот на 1990-тите му го привлекла вниманието на Путин. Во 2020 година, независниот руски истражувачки медиум „Проект“ тврдеше дека тие станале пријатели додека тој бил заменик-градоначалник на Санкт Петербург. Постојат докази дека патувале со исти авиони, а тајните документи откриени во 2021 година опишуваат како таа се збогатила откако Путин станал претседател. Сега поседува неколку недвижности, вклучувајќи луксузен стан во Москва, купен во 2003 година. Станала и акционер во „Росија банка“, позната по врските со најблискиот круг на Путин, преку која стекнала 100 милиони долари од својот удел, пишува „Дејли мејл“.

ИЗДВОЕНИ