Апелите за фер навивање, не допреа до фановите на Шкендија кои пееја за Илирида и Голема Албанија, а имаше и обид за да ја пеат и албанската химна. Поради инцидентот во Куманово, ОЈО поведе постапка против македонските навивачи затоа што извикувале антиалбански пароли, сега јавноста очекува постапка и за навивачите на Шкендија. Недоличното однесување на навивачката група е одлика на речиси секој натпревар, јавноста се сеќава на прекинот на едноминутниот молк за загинатите во пожарот во Кочани, на само неколку дена по трагедијата, пред стартот на натпреварот кога со свирежи и навредливи пораки ја нарушија почитта.
Тоа што се случи пред неколку дена во Куманово, на кошаркарскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Романија, кога беа повредени чувствата на Албанците со националистички извици и пораки од страна на поединци, доби продолжение, но сега во главна улога беа навивачите на фудбалскиот клуб Шкендија. Во вторникот, на националната арена „Тодор Проески“ беше одигран првиот натпревар од третото Квалификациско коло во Лигата на шампиони помеѓу екипите на Шкендија и Карабах. Пред стартот на дуелот, јавноста беше бомбардирана од соопштенијата во кои претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, потоа Министерството за внатрешни работи, Фудбалската федерација, и сопственикот на Шкендија, Лазим Дестани, побараа од гледачите да не подлегнуваат на провокации, да има фер навивање и без националистички пораки.
Дуелот во Скопје против претставникот на Азербејџан го следеа околу 20.000 навивачи на Шкендија. Иако клубот од Тетово се натпреварува во македонската Прва фудбалска лига, јавноста и гостите добија впечаток дека станува збор за некаков натпревар во Албанија. На трибините имаше стотина албански знамиња, во свечената ложа еден до друг седеа лидерите на партиите од албанскиот блок, како и претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Апелите за фер навивање, не допреа до фановите на Шкендија кои пееја за Илирида и Голема Албанија, а имаше и обид за да ја пеат и албанската химна.
Поради инцидентот во Куманово, ОЈО поведе постапка против македонските навивачи затоа што извикувале антиалбански пароли, сега јавноста очекува постапка и за навивачите на Шкендија. Недоличното однесување на навивачката група е одлика на речиси секој натпревар, јавноста се сеќава на прекинот на едноминутниот молк за загинатите во пожарот во Кочани, на само неколку дена по трагедијата, пред стартот на натпреварот кога со свирежи и навредливи пораки ја нарушија почитта.
Шкендија веднаш се огради од големиот скандал и тврдеше дека станува збор за неколку поединци кои недолично се однесувале. Клубот доби парична казна и му беше забрането да игра пред публика на неколку натпревари, но очигледно и тие навивачи не ја научија лекцијата.
Сепак, изостанаа политичките осуди за шовинистичките скандирања на градскиот стадион од страна на навивачите на Шкендија. Молк од најголемите македонски политички партии кои пред неколку дена испратија остри реакции за недоличното однесување на група навивачи на трибините во Куманово за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Романија.
За разлика од разединетоста на македонските политичари, завчера на трибините на градскиот стадион нивните албански колеги им покажаа како националната кауза ги закопува партиските секири, еден до друг седеа министерот за животна средина Изет Меџити, претседателот на Собранието Африм Гаши, нивниот довчерашен партнер во власта Арбен Таравари, лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Првиот човек на Собранието, Гаши, на својот фејсбук-профил со објава им честиташе на навивачите кои, според него, биле достоинствен пример за националните вредности. „Им честитам на навивачите кои беа подеднакво достоинствени примери за нашите национални вредности, внатре и надвор од стадионот. Со доверба и оптимизам го очекуваме резултатот од реваншот, убедени дека Спарк ќе се бори докрај“, напиша Гаши. Весникот ВЕЧЕР се обиде да стапи во контакт собранискиот спикер, но не успеавме да го прашаме дали ги осудува шовинистичките пароли на навивачите на Шкендија. Некои медиуми објавија дека Гаши не ги слушнал, но дека осудува ако имало такво нешто.
Од полицијата и Обвинителството велат дека се во координација и преземаат мерки за расчистување и на овој случај.
„ Министерството за внатрешни работи во континуитет апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски клубови, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или било која друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот. Во тој контекст, МВР уште еднаш нагласува дека во рамки на обезбедувањето на мирни и непречени спортски натпревари, како во минатото така и сега и во иднина, полицијата ќе биде крајно ригорозно по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања и друг начин на ширење на говор на омраза“, реагираат од МВР
За говорот на омраза од кумановската сала, полицијата уапсила 30-годишен маж, кој се сомничи дека на полувреме од кошаркарскиот натпревар се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина.
Националистичкото скандирање од навивачите на Шкендија го осудија од Хелсиншкиот комитет. „И покрај апелите од јавноста и институциите за фер и спортско навивање, од трибините се слушнаа повици за „Голема Албанија“, „Чамерија“ и „Илирида“, пораки кои се далеку од манифестирање на спортски дух и придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија, а имаат потенцијал да предизвика и злосторства од омраза. Дополнително загрижувачки е фактот што ваквите извици не доаѓале само од навивачката група „Балисти“, туку биле извикувани од дел од публиката и тоа во присуство на високи државни функционери“, се вели во реакцијата на Хелсиншки. (М.С.-П.А.)
Еуфоријата и навредите провокација за балканските медиуми
Дуелот помеѓу Шкендија и Карабах доби големо внимание и од познатиот босански портал „Спортспорт.ба“, кој за жал, секоја навреда од национална природа на нашите спортски терени ги гледа како провокација.
-Меѓу албанското население во Северна Македонија владееше неверојатна еуфорија, а дури 18.000 од нив дојдоа во Скопје. Во еден момент, сите станаа и пееја песни посветени на Голема Албанија, што ги потресе Македонците. Тие се чувствуваа како дома во Скопје. Така, уште еден спектакл се претвори во испраќање политички и националистички пораки, што е веќе стандардна појава на Балканот, пишува босанскиот медиум.