Душогрижниците и понатаму безуспешно се трудат да ѝ наштетат на фолк-ѕвездата!
Кој знае од кои причини не стивнуваат коментарите по реакцијата на популарниот фолк-пејач Наум Петрески, кој и сега јавно се огласува, како што вели, „со цел да им појасни на душогрижниците зошто реагирал така во текот на онаа пуста корона-пандемија. Сè поради тоа да престанат одвреме-навреме да зборуваат напразно дека се жалел, бидејќи наводно немал пари“. Демек, живеел од парите на сопругата Зуица Лазова. Нему му е смачено од лажните приказни. Но, нема шанси да му наштетат, доколку тоа им е целта.
Во својата објава, тој појаснува дека не реагирал бидејќи немал пари, туку бил гласен поради начинот на кој, во тоа време, се распределувале државните субвенции наменети како помош за граѓаните чии професии беа најсилно финансиски погодени од пандемијата, а меѓу кои беа, секако, и музичарите.
– Мојот револт не беше поради финансиски причини, туку поради начинот на распределба на субвенциите. Од владата на СДСМ, субвенциите одеа во погрешни раце, кај нивни членови музичари, па и кај музиканти од некое шесто ниво што никогаш не направиле ништо во музиката.
Парите одеа дури и кај келнерите, кои беа подучени од некого. Се зачленуваа во естрадата и земаа сериозни пари! Кога напишав дека може да имаат последици поради анархиското распределување на средствата, ми пуштија 40.000 денари на сметка. Нив, без дилема, ги донирав во манастирот „Света Пречиста“, кој е на десетина километри од Кичево. Тоа беше во вид на детергенти, кои им беа најпотребни тогаш, во пандемијата, за хигиена и за дезинфекција.
Многу ми е драго што злобниците најпосле, по толку години, си го покажаа лицето и ми ги отворија очите. Научив повеќе да не помагам секому и насекаде – вели Петрески.
Инаку, за потсетување е дека во текот на пандемијата, поради забраната за работа на угостителските локали, едни од најпогодените беа токму музичарите, кои подолг период не настапуваа и беа оставени без редовни финансии. Владата тогаш донесе одлука за пакет мерки за парична поддршка со кој беа опфатени многу естрадни уметници. Меѓу нив и Наум, но тој не ги зеде тие пари за себе. Излезе голем, па ги пренасочи таму каде што беа најпотребни.






