Серијата од десетици илјади земјотреси во близина на грчкиот остров Санторини претходно оваа година биле предизвикани од движење на магма низ подземен канал во период од три месеци, открија научниците.
За да ја утврдат точната причина за повеќе од 25.000 земјотреси, кои се движеле хоризонтално околу 20 километри низ Земјината кора, научниците ги користеле принципите на физиката и вештачката интелигенција.
Тие го користеле секој земјотрес како еден вид виртуелен сензор, а потоа примениле вештачка интелигенција за да ги анализираат шемите поврзани со нив.
Еден од водечките истражувачи, д-р Стивен Хикс од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL), вели дека комбинирањето на физиката и машинското учење на овој начин би можело да помогне во предвидувањето на вулканските ерупции, пренесува БиБиСи.
Сеизмичката активност под грчките острови Санторини, Аморгос и Анафи започна во јануари 2025 година. Островите беа погодени од десетици илјади земјотреси, од кои многу биле посилни од пет степени според Рихтеровата скала.
Многу туристи ги напуштија островите, а локалното население стравува дека подводниот вулкан Колумбо наскоро би можел да еруптира, или дека тоа е сеизмичка прелудиум на многу поголем земјотрес, како разорниот земјотрес од 7,7 степени што го погоди подрачјето во 1956 година.
Научниците, кои ги објавија своите наоди во списанието „Science“, создадоа тродимензионална мапа на Земјата околу Санторини. Таа мапа точно го лоцира подземниот канал низ кој се движела магмата. Според истражувачите, ова претставува редок, речиси „идеален“ пример како се одвива магматско движење длабоко под површината – процес кој ретко може директно да се следи во реално време.
Д-р Хикс истакнува дека комбинацијата на физички модели и машинско учење „целосно го променува начинот на кој разбираме и предвидуваме опасни вулкански процеси“, додавајќи дека ваквите методи би можеле да спасат животи во иднина.
Иако сегашната активност не доведе до ерупција, научниците предупредуваат дека Санторини и околните острови остануваат дел од еден од најактивните вулкански системи во Медитеранот. Овој случај е важен сигнал за: потребата од континуиран надзор, подобрени системи за рана детекција и информирање на локалното население и туристите.
Истражувачите нагласуваат дека сеизмичката „бура“ од 2025 година е дел од природниот циклус на вулканскиот систем, но дека вниманието мора да остане зголемено.












