Научниците рекоа дека притисоците под кои биле луѓето, од продолжената изолација до неизвесноста што ја придружувала кризата, можеби ги остареле нивните мозоци. Тие откриле дека стареењето на мозокот за време на пандемијата било „поизразено“ кај мажите, постарите лица и оние од посиромашните социјални класи.
Моделите на стареење на мозокот биле тренирани на повеќе од 15.000 здрави испитаници. Потоа биле применети на речиси илјада луѓе кои учествувале во долгорочна британска студија наречена Biobank, која го следи здравјето на возрасните на средна и постара возраст.
На половина од групата им биле скенирани мозоците пред пандемијата, додека останатите биле скенирани пред и по глобалната здравствена криза. По проучувањето на скенирањата, научниците заклучиле дека пандемијата „значително“ го забрзала стареењето на мозокот.
Тие дошле до својот заклучок врз основа на возраста на нивниот мозок во скенирањата во споредба со нивната вистинска возраст. Научниците откриле дека скенирањата на мозокот на испитаниците откако ја доживеале кризата имале, во просек, „5,5 месеци поголемо отстапување во возраста на мозокот“.
„Откривме дека пандемијата на Ковид е штетна за здравјето на мозокот и предизвикува забрзано стареење на мозокот (…) независно од инфекцијата со SARS-CoV-2“, напишаа експертите од Универзитетот во Нотингем во списанието Nature Communications.
Д-р Али-Реза Мохамади-Наџад, кој ја водеше студијата, рече: „Она што најмногу ме изненади беше тоа што дури и луѓето кои немале Ковид имале значително повисоки стапки на стареење на мозокот“.
„Навистина покажува колку искуството со самата пандемија, сè, од изолација до неизвесност, може да влијае на здравјето на нашиот мозок.“
Научниците, исто така, истражуваа дали заразувањето со Ковид-19 имало влијание врз когнитивните способности на испитаниците, проучувајќи ги резултатите од тестовите извршени за време на снимањето на мозокот. Тие откриле дека оние кои биле заразени имале полоши резултати на когнитивните тестови по пандемијата.
Професорката по радиологија Дороти Ауе, виш автор на студијата, рече: „Ова истражување нè потсетува дека здравјето на мозокот е обликувано не само од болести, туку и од нашата секојдневна околина.“
„Пандемијата изврши притисок врз луѓето, особено врз оние кои веќе имале некои проблеми. Сè уште не можеме да тестираме дали промените што ги видовме ќе исчезнат, но тоа е секако можно и тоа е охрабрувачко.“