четврток, јануари 22, 2026
Дома МАГАЗИН Научниците ја пронајдоа “Ахиловата пета“ на Гренланд!

Научниците ја пронајдоа “Ахиловата пета“ на Гренланд!

156

Научниците открија скриена геолошка слабост под ледената покривка на Гренланд што би можела да го забрза неговото уривање и да ги комплицира амбициите на Америка на Арктикот.

Нова студија за Гренланд откри скриен слој од седимент, составен од мека почва и песок, кој предизвикал голем дел од глечерот да се топи и распаѓа. Според новото истражување од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, овој слој, со дебелина до 200 метри (на некои места до 300 метри), делува како природен лубрикант: го намалува триењето помеѓу мразот и земјата, дозволувајќи му на глечерот да се лизга побрзо кон океанот и значително го забрзува губењето на масата.

Студијата, објавена во списанието Геологија, се базира на анализа на сеизмички податоци собрани од 373 мерни станици низ Гренланд во текот на изминатите две децении.

Истражувачите ги измериле доцнењата во сеизмичките бранови предизвикани од земјотреси. Сигналите патувале бавно низ мекиот слој, јасно укажувајќи на присуство на седименти, а не на тврда карпа.

„Ако повеќе вода од топење на мразот стигне до дното, овие седименти би можеле дополнително да ја намалат цврстината, да го забрзаат протокот на мразот и да го зголемат губењето на мразот во океанот. Ова значи дека некои региони на Гренланд може да бидат поранливи на климатските промени отколку што сугерираат сегашните модели“, рече Јан Јанг, водечки автор на студијата и геофизичар во Институтот за океанографија Скрипс.

„Безбедноста на крајбрежните заедници зависи од точните прогнози, а знаењето дали карпестата подлога е тврда карпа или мек седимент е клучно за подобрување на предвидувањата за зголемување на нивото на морето“, истакна тој, а пренесе  Вечерњи лист.

Седиментите не се рамномерно распоредени. Подебели слоеви (до 200-300 м) се наоѓаат во потоплите, повлажни зони каде што мразот се топи одоздола, додека тие се потенки или отсутни во постудените, замрзнати области. Ова објаснува зошто некои делови од ледената покривка се распаѓаат побрзо од очекуваното.

Откритието доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп интензивно врши притисок врз Данска и Гренланд да ја преземат контролата врз островот, наводно поради неговата стратешка локација на Арктикот, спречување на влијанието на Русија и Кина и пристап до богати природни ресурси.

Сепак, седиментниот слој претставува голема пречка за рударството и експлоатацијата на ресурсите. Дупчењето низ стотици метри мека глина и песок доведува до оштетување на опремата, забавување на работата и енормно зголемување на трошоците. Студиите од 2022 година покажаа дека стабилното дупчење бара замрзната карпа, а не седимент, во спротивно ќе доведе до застој и до опасни услови.

Зголемениот број ледени брегови што се откинуваат во блиските води ги загрозуваат потенцијалните платформи за нафта на отворено море, а екстремната изолација на Гренланд и недостатокот на инфраструктура ги отежнуваат операциите уште повеќе. Администрацијата на Трамп нагласува дека целосната контрола врз Гренланд е неопходна за да се спречат Русија и Кина да го користат островот како „граничен премин“ при евентуална инвазија на Северна Америка.

ИЗДВОЕНИ