Експертите предупредуваат дека вообичаено препишуваниот лек против болки можеби не е толку ефикасен во ублажувањето на долготрајната болка како што се сметаше претходно.
Трамадол, опиоиден лек кој е широко препишуван за умерена до силна болка, може да обезбеди краткорочно олеснување – но новото истражување сугерира дека неговите придобивки за хронична болка се „ограничени“, пишува Дејли Меил.
Данските научници ги анализирале здравствените картони на повеќе од 6.500 пациенти и откриле дека лекот го зголемува ризикот од сериозни несакани ефекти, вклучително и срцеви заболувања.
Тимот од Ригшоспиталет во Копенхаген ги објави своите наоди во списанието BMJ Evidence Based Medicine, заклучувајќи дека потенцијалната штета на трамадолот „веројатно ги надминува“ неговите скромни придобивки.
Тие анализирале 19 клинички испитувања во кои биле вклучени пациенти со хронична болка и заклучиле дека употребата на трамадол и слични опиоиди „треба да се минимизира“.
Трамадолот обично се дава на пациенти со умерена до силна болка по операција или повреда, или на оние со долгорочни состојби како што се артритис или проблеми со грбот.
Испитувањата вклучувале пациенти со невропатска болка (предизвикана од оштетување на нервите), остеоартритис, хронична болка во грбот и фибромијалгија. Повеќето пациенти земале таблети Трамадол од две до 16 недели.
Иако лекот ја намалил болката, ефектот бил мал и недоволен за да направи вистинска разлика во симптомите на пациентите, велат истражувачите.
Истражувачите, исто така, откриле дека луѓето кои земаат Трамадол имале околу двапати поголема веројатност да доживеат несакани ефекти во споредба со оние кои земале плацебо.
Тие вклучуваат – повисоки стапки на болка во градите, срцеви заболувања и срцева слабост, како и чести несакани ефекти како што се гадење, вртоглавица, запек и поспаност.