Ракометарите на Охрид конечно зедоа еден голем скалп и го совладаа Еурофарм Пелистер со 29:25 во натпреварот од 17. коло на Суперлигата. Домашната публика можеше да ужива во речиси перфектна претстава на своите миленици во салата „Билјанини Извори“, бидејќи во вториот дел на охриѓани буквално сè им појде од рака. Шампионот кој беше мотивиран од големата победа над ривалот Вардар во претходното коло, беше изненаден од новиот сериозен проект во македонскиот ракомет
Но натпреварот помеѓу Охрид и Еурофарм Пелистер имаше и „трето полувреме“. По завршувањето на дуелот дошло до натегања меѓу ракометари на гостинската екипа и членови на стручниот штаб на домашниот тим, по кои нападнат бил гостинскиот помошен тренер Крсте Андоновски. По информативниот разговор поведена е прекршочка пријава против ракомегарот на Еурофарм Пелистер, Дејан Манасоов.
„На 14 декември 2025 година во 20:20 часот, во СВР Охрид приведен е Д.М. (33) ракометен играч од Скопје, член на ракометен клуб од Битола. Тој, по завршување на ракометен натпревар што се одржуваше во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид, при меѓусебното поздравување на играчите, физички го нападнал К.А. помошен тренер на домашниот-охридскиот ракометен клуб. По целосно расчистување на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Исто така по натпреварот имало непријатни сцени меѓу тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ и гостинскиот ракометар Богдан Радивојевиќ. Охридските медиуми јавуваат и за помали инциденти на навивачите од Битола низ охридските улици.
Што се однесува до најдобрите стрелци на мечот, за битолскиот тим беше токму Дејан Манасков со осум реализации од исто толку обиди, додека кај охриѓани блесна Петриќ со седум гола. Голманот Кристијан Пилиповиќ беше двоцифрен и собра 12 интервенции, а Хеидаридад на спротивната страна заврши со осум.
Ракометарите на Тиквеш по голема борба успеаја да го совладаат Еурофарм Пелистер 2 со конечни 27:26. Пелистерци имаа гол негатива на почетокот на последната минута, го „прокоцкаа“ последниот напад со непромислено пробивање, па така домаќинот на крајот се радуваше домашниот тим. Најефикасен во таборот на Тиквеш беше Петар Цветковски со осум голови, а на спротивната страна ист учинок имаше Христијан Митревски.











