Преку обуки и едукативни сесии, наставниците и учениците од основните училишта во Општина Кисела Вода ќе се здобиваат со стручни вештини и знаења за справување со природните појави. Паралелно со ова, Општина Кисела Вода дополнително ги надградува своите капацитети за сите идни планирања и градење објекти, со цел обезбедување високи стандарди за нивна сеизмичка безбедност.
Ова произлегло од денешната работна посета на градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, на една од станиците на сеизмолошката опсерваторија при Природно- математичкиот факултет, лоцирана токму на територијата на оваа општина. На средбата со раководителката на опсерваторијата, проф. д-р Катерина Дрогрешка, и со деканот на ПМФ, проф. д-р Даворин Трпески, била воспоставена стратешка соработка насочена кон поголема безбедност на граѓаните.
– Посетата е потврда на нашата посветеност да градиме општина чие дејствување се потпира на научни факти и на стручни анализи. Наша обврска е да обезбедиме највисоко ниво на сигурност, а сакаме првенствено да го пренесеме тоа знаење во училиштата, бидејќи едуцираните млади луѓе се најсилниот столб на една заедница. Паралелно со ова, целта е дополнителна надградба на знаењето на нашиот Сектор за урбанизам преку директна размена на релевантни податоци со врвните експерти. На овој начин го зајакнуваме нашето искуство во планирањето и градењето, со најновите научни анализи, за уште побезбедни објекти во Кисела Вода – истакна Стаменкоска-Трајкоска.












