Шахот станува сè поприсутен во воспитно-образовниот процес, а растечкиот интерес кај учениците ја зголемува потребата наставниците да бидат соодветно обучени за негово реализирање во рамки на наставата. Во таа насока, денеска во големата сала на Општина Кисела Вода се одржа обука за наставници од основните училишта на територијата на општината.
Обуката ја организира Шаховскиот сојуз на Град Скопје, кој во континуитет работи на развојот и интеграцијата на шахот во основното образование. Како дел од соработката, Шаховскиот сојуз донираше и по два шаха за сите основни училишта во општината.
-Како општина, даваме силна поддршка на сите процеси што го унапредуваат образованието и создаваат вредности кај најмладите. Шахот е предмет кој развива концентрација, аналитичко размислување и дисциплина, вештини што им се важни на учениците. Оваа обука им овозможува на наставниците професионално да се подготват и да го пренесат знаењето на квалитетен и структуриран начин. Верувам дека со ваквите програми ќе продолжиме да градиме посилен образовен систем во нашата општина – изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Претседателот на Шаховскиот сојуз на Град Скопје, Ѓорѓи Миновски истакна дека обуката е важна и задолжителна, бидејќи наставниците стекнатите знаења ќе ги имплементираат во изборниот предмет -шах, во рамките на наставата.
– Шахот веќе три години се имплементира како изборен предмет. Од прво до трето одделение е воспоставен како слободна ученичка активност, а во четврто и петто како изборен предмет. Наставниците што ќе ја завршат обуката добиваат сертификат со кој можат да држат часови по шах- изјави Миновски.












