– Автентичните вредности и интегритетот на нашето единствено природно и културно светско наследство се на работ на конечно исчезнување. Не смееме да дозволиме „спасителите“, кои трет пат по ред „купија“ уште една година за да го спасат имиџот на партијата и за да ги заштитат разните зделки, неповратно да ги обезличат и избришат овие вредности. Сите ние сме одговорни пред нашите и пред идните генерации во целиот свет – остро реагираат од Здружението на граѓани „Фронт 21/42“
од Охрид за неодамнешното барање на УНЕСКО Охридскиот Регион да
биде ставен на листата на културно наследство во опасност.
Тие реагираат и на информацијата дека Охрид повторно за влакно ја избегнал
„црната листа“, но и на препукувањето на партиите која од нив повеќе
(не)направила за ова наше уникатно природно и културно наследство. – Деновиве слушаме и читаме многу за идентитетот, кој се обидуваат да го обезличат и да го избришат надворешни фактори. Охридскиот Регион е значаен дел од нашиот идентитет, чии вредности веќе трета деценија безмилосно ги обезличуваат и уништуваат криминалот и корупцијата под заштита на институциите. Во текот на изминатата седмица, нашето единствено природно и културно светско наследство по
трет пат беше „спасено“ од политичарите. Исто како и двапати претходно, актуелните домашни политичари успешно лобираа политичарите во Комитетот за светско наследство да ја игнорираат процената на состојбата направена од експертите врз основа на директен увид на терен. По трет пат во последниве шест години ја слушнавме истата реторика на „спасителите“ од власта и на „загрижените“ од опозицијата, кои уште еднаш ни покажаа дека, за нив, функцијата на најголемото
природно и културно богатство на земјата е да го обели имиџот на нив ната партија и да го оцрни оној на противниците – велат од „Фронт 21/42“.
Во својата анализа за состојбите поврзани со Охридскиот Регион тие додаваат дека, исто како и претходните два пати, веќе се наѕира „реши телната акција за спас на светското наследство“, која, надоврзувајќи се на сите претходни „решителни акции“, овој пат може конечно да им стави крај на шансите за спас на вредностите на Охридскиот Регион. Прашуваат– Да нема никаква заблуда, сè додека не се отстрани хотелскиот комплекс во Горица, во земјава нема да владее правото, туку криминалот и
корупцијата, заштитени од сите одговорни општински и државни институции. Сè додека постојат дивоградбите во Блато и хотелот во Рамне, сè додека не се забрани ловот на пастрмка, сè додека постојат „Куба Либре“, платформите во Свети Наум, Канео, сите други конструкции во езерото, сè додека не се усвојат закони за Охридското Езеро и за Студенишко Блато со сите препораки од УНЕСКО и Бернската конвенција, сè додека не се стопираат легализациите на дивоградбите и не се
поништат сите легализации од 2019 до денес, во земјава ќе владеат криминалот и корупцијата, заштитени од локалната и од државната власт, потенцираат од Здружението.
Инаку, на последната 47. сесија на Комитетот на УНЕСКО во Париз, беше донесена нацрт-одлука со која беше побарано да биде ставен Охридскиот Регион на листата на загрозено културно наследство, со цел да се поттикне порешителна акција од Владата и од надлежните институции во Македонија и да се обезбедат запирање на деградацијата и враќање на атрибутите што ја пренесуваат извонредната универзална вредност на имотот.
Во нацрт-одлуката на Комитетот на УНЕСКО, меѓу другото, беа посочени и забелешките наведени во реактивната мониторинг-мисија од минатата година, со заклучок дека урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикација на езерото, големите инфраструктурни и други проекти предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заштитеното подрачје, што довело до неповратна деградација. Владата, сепак, успеа со културна дипломатија да издејствува уште една година за спроведување на
корективните мерки, односно временска рамка за спроведување на
активностите за зачувување на светското и природно и културно наследство на Охридскиот Регион.