Наскоро закон за сајбер безбедност

17

Предлог-законот за сајбер безбедност се очекува да ја помине владината процедура до крајот на месецов и на почетокот од јуни да влезе во собраниска процедура. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, очекува новото законско решение да биде поддржано од сите пратеници, зашто, како што вели, не станува збор за политички закон, туку за закон што ќе значи безбедност на целокупното општество.

– Имајќи предвид колку се насочуваат сајбер нападите сега кон критичната инфраструктура и колку може да бидат на удар системите за производство и снабдување со електрична енергија, од исклучително значење е ваквиот самит на кој ќе се дискутира за политиките на дигитализација во смисла на енергетиката – изјави Андоновски.

Нагласи дека имаат воспоставено одлична соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во делот на услугите кон граѓаните и кон компаниите.

– Се оди кон целосна дигитализација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, зашто е клучен чинител во изработката на националната стратегија за сајбер безбедност и на законот за сајбер безбедност и е еден од примарните чинители во заштитата и сајбер безбедноста. Се надевам дека во наредниот период ќе успееме да изградиме целосен систем што ќе ги штити тоа Министерство и расположливите капацитети на Македонија во делот на енергетиката – рече Андоновски и додаде дека цела Европа посветува внимание на ова прашање.

Во моментов, како што вели, македонските енергетски капацитети се безбедни.

– Граѓаните треба да бидат спокојни. Електропреносниот систем е безбеден. Поради некои случки од пред година до година и половина, во соработка со нашите стратешки партери се направени некои сериозни напори за обезбедување на мрежата и во моментов може да кажам дека станува збор за безбеден систем, што не значи дека е дадено тоа еднаш засекогаш. Ќе треба дополнително да се работи на нивна заштита. Мислам дека со законот за сајбер безбедност ќе обезбедиме патоказ како да се заштитуваат институциите и електропреносниот систем – посочи Андоновски.

Од Министерството за енергетика информираа дека лани во МЕПСО имало сајбер напад, кој траел повеќе месеци. Тоа е критична инфраструктура за целата држава и мора да дадеме голем акцент, односно да се заштитени далноводите и целото наше производство и комуникација со хидро- и со термоцентралите. Тоа е од национално значење, како секаде во светот.

Министерството за дигитална трансформација ќе го води процесот на заштита на енергетските објекти, а Министерството за енергетика ќе биде вклучено во тоа.

 

ИЗДВОЕНИ