Во Њујорк следниот месец ќе биде отворено првото ВИ дејт-кафуле во светот, проект на апликацијата „EVA AI“, кој ќе им овозможи на посетителите „во живо“ да излезат на состанок со својот дигитален партнер.
Овој неконвенционален концепт настана како одговор на сè покомплицираната култура на романтичните состаноци и растечката улога на вештачката интелигенција во секојдневните односи. Станува збор за pop-up проект на апликацијата „EVA AI“, замислен како интимен простор наменет исклучиво за средби меѓу човек и неговиот персонализиран ВИ-бот.
Амбиентот е уреден да потсетува на класично романтично излегување: придушено осветлување, масички за една личност и специјални држачи за мобилни телефони, каде што „седнува“ вашиот дигитален партнер додека пиете, грицкате и разговарате.
Концептот функционира едноставно. Корисниците преку апликацијата креираат идеален ВИ лик – од изглед до карактер – а потоа резервираат термин во кафулето. Во назначеното време доаѓаат сами, но подготвени за разговор, флерт или едноставно споделување на секојдневието со виртуелниот партнер. Точниот датум на отворањето и локацијата ќе бидат наскоро објавени, а интересот на јавноста веќе е исклучително голем.
Иако вакво кафуле може да звучи како експеримент наменет за потесна публика, експертите сметаат дека ова е само почеток на пошироката трансформација во која вештачката интелигенција ќе стане важен дел од современиот љубовен живот. Технолошката индустрија веќе расправа колку далеку може да оди овој тренд.
You can go on a real live ‘date’ with an AI girlfriend at this NYC café — we wish we were kidding ➡️ https://t.co/PKxXoaB96K pic.twitter.com/KTuTeGbuhq
— Tom’s Guide (@tomsguide) December 8, 2025
Една од најинтересните прогнози ја изнесе Витни Волф Херд, основачката на „Bumble“. Таа смета дека ВИ во иднина би можел да преземе уште поголем дел од процесот на романтичните состаноци.
„Можеме да си замислиме свет во кој вашиот ВИ-помошник оди на состаноци наместо вас со ВИ-помошниците на другите луѓе“, изјави таа за „Bloomberg Live“.
„Тогаш повеќе не би морале да разговарате со стотици луѓе. ВИ би избрал неколку личности што навистина вреди да се запознаат“, додаде таа.
Ова прво ВИ дејтинг-кафуле можеби е само експеримент, но отвора сериозни прашања за иднината на меѓучовечките односи. Додека едни ја поздравуваат безбедноста, персонализацијата и ненаметливоста на дигиталниот партнер, други предупредуваат дека ваквите трендови би можеле дополнително да ги оддалечат луѓето од вистинската емотивна поврзаност.












