Пред септември, ќе биде воведена таканаречена училишна кошница, со која ќе биде опфатен училишниот прибор. Во моментов, институциите ги следат цените на овие производи и ако биде забележано поголемо и брзо поскапување во овој период, ќе има жестока реакција на Владата, најави премиерот Христијан Мицкоски.
– Ги разгледуваме законските можности како да се санкционираат таквите субјекти што ќе се одлучат на таков вид, би рекол, шпекулативно однесување – рече Мицкоски.
Инаку, се очекува наскоро да бидат објавени и мерките против високите цени во маркетите. Но, според Мицкоски, мерките ќе се разликуваат од претходните. Во игра се неколку концепти и, веројатно, нема да има една унифицирана мерка, туку неколку мерки со кои ќе треба да се „удри“ по повеќе фактори што влијаат на инфлацијата. Овие мерки се подготвуваат со академската заедница и во нив учествуваат универзитетски професори.
– Ќе излеземе многу скоро, ќе излеземе со неколку модели што биле успешни во одредени сегменти, така што сакаме целосно сценарио овој пат, кое мислиме дека ќе ги стабилизира цените на производите во маркетите – вели Мицкоски.
Тој истакна дека во изминативе два месеца, Владата ги следела цените и правела анализа кои маркети одеднаш и за колку ги поскапеле производите откако заврши последната мерка за замрзнување на маржите. Анализата ќе биде претставена пред овие маркети и ќе бидат искористени сите законски можности против нив за некоректното однесување.
Инаку, најавата за сеопфатни мерки значи дека тие би требало да се однесуваат и против базичната инфлација, која подолго време е висока и за чие намалување треба координирана акција на монетарната и на фискалната политика.