Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги потсетува граѓаните дека, согласно Одлуката за денот и моментот на воведувањето и денот и моментот на завршувањето на летното сметање на времето во 2025 година, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 28 март 2025 година и објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68, летното сметање на времето ќе заврши во недела, на 26 октомври 2025 година.
Со завршувањето на летното сметање на времето, во 03:00 часот наутро стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад, односно времето во 03:00 часот ќе се смета како 02:00 часот.
Во согласност со Одлуката:
Летното сметање на времето во 2025 година започна на 30 март во 02:00 часот, кога времето беше поместено еден час нанапред.
Завршувањето на летното сметање ќе се изврши на 26 октомври во 03:00 часот, со поместување еден час наназад.
Одлуката е донесена врз основа на годишната практика за регулирање на сметањето на времето и има за цел усогласување со европската регулатива во оваа област.
Кога престануваме да го поместуваме часовникот?
Европскиот парламент гласаше за укинување на сезонските промени на часовникот во 2019 година, со план последната промена да се случи во 2021 година. Сепак, тука сè запре. Земјите-членки не можеа да се договорат за клучно прашање – дали трајно да се задржи летното или зимското сметање на времето.
Додека некои земји како Франција и Полска беа за трајно летно сметање на времето, други, како Финска и Холандија, се залагаа за зимско сметање на времето.
Поради недостатокот на договор и последователните глобални кризи како што е пандемијата, одлуката за укинување на летното сметање на времето е одложена и ставена „на чекање до понатамошно известување“. Според моментално важечките директиви на ЕУ, практиката ќе продолжи барем до 2026 година.