Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопшти дека е поведена истрага против едно лице осомничено за кривично дело разбојништво. Делото, според Обвинителството, го извршил заедно со друго лице по кое полицијата сè уште трага.
Инцидентот се случил на 15 ноември, кога двајцата осомничени го следеле оштетениот и го нападнале спроти трговски центар во Скопје.
Како што стои во описот за случајот, во еден момент еден од напаѓачите го удрил оштетениот со тупаница во главата, додека другиот му се заканил со боксирач. Претурајќи по неговата јакна, одзеле 8.800 денари.
„Го турнале на земја, го удирале со клоци и се обиделе да му го скршат мобилниот телефон, по што избегале“, стои во соопштението на ОЈО.
Јавниот обвинител до судија на претходна постапка при Кривичниот суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот 43-годишник.












