Земјите од регионот имаат највисоки цени на електричната енергија во Европа. Овој проблем за кој алармираа нашите институции уште пред една година, сè уште не е решен. Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, вели за весникот ВЕЧЕР дека ја поддржуваат иницијативата на Грција, Бугарија и на Романија дека треба да се направи анализа за големите разлики во цената на струјата од земја до земја. Поради повисоката цена на струјата, како што вели, нашите индустриски производи се неконкурентни на европскиот пазар
Земјите од Југоисточна Европа сè уште плаќаат повисоки цени на електричната енергија во однос на европските и покрај тоа што институциите од регионот повеќе пати ја алармираа Европската енергетска заедница за овој проблем. Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, потврди за весникот ВЕЧЕР дека државите од регионот, меѓу кои и Македонија, имаат највисоки цени на струјата во Европа, поради што нашите индустриски производи се неконкурентни на европскиот пазар. За ова, неодамна, до Европската комисија реагираа и здруженијата на индустриите од Грција, Бугарија и од Романија, кои трошат големи количини енергија, што ја загрозува нивната конкурентност.
– Ја поддржуваме оваа иницијатива на Грција, Бугарија и на Романија. Минатата година, и ние, како земја членка на Европската енергетска заедница, побаравме да се направи анализа, но сè уште не добивме одговор зошто е така тоа. Една од причините за поскапата струја е начинот на прераспределба на прекуграничните преносни капацитети во Австрија, што го нарушува протокот на електрична енергија во регионот. Освен тоа, факт е цената на струјата на сите берзи во регионот што не се членки на Европската Унија е повисока во споредба со берзите во земјите што се членки на ЕУ – вели Бислимоски.
Тој вели дека мора да се преземат мерки за да се реши проблемот бидејќи трпи и нашата индустрија. Нашите индустриски производи се неконкурентни на европскиот пазар поради повисоките цени на струјата.
Инаку, за овој проблем, Бислимоски и министерката за енергетика, Сања Божиновска, минатата година испратија писмо до директорот на Европската енергетска заедница, Артур Лорковски, при што побараа да мобилизира екипа што ќе направи детална анализа и ќе ги скенира причините поради кои се регистрира голема нерамнотежа на цената на струјата од земја до земја. За споредба, цената на струјата во Франција лани беше 46 евра, а во Македонија – 120 евра за мегават-час.
Здруженијата на енергетски интензивни индустрии од Грција, Бугарија и од Романија неодамна побараа од Европската комисија создавање услови за рамноправна конкуренција на европскиот пазар на електрична енергија. Претставниците на трите земји ја нагласуваат потребата на индустриите за енергија по прифатлива цена, со цел да останат конкурентни не само на локалниот туку и на меѓународниот пазар.
Ова делумно му се припишува на нарушувањето на режимот на отстапување што се применува во Австрија и влијае на трговските текови на прекуграничните интерконекции. Од 2020 година, Австриската електрична мрежа обезбеди отстапување од обврската да стави на располагање 70 отсто од својот интерконекциски капацитет за прекугранична размена.
Здруженијата ја повикуваат Европската комисија да создаде механизам за поддршка на енергетски интензивните индустрии во регионот, сè додека не се отстранат физичките бариери што го изолираат југоистокот од централна Европа.
(А. С.)