Нела Манческа ќе ја претставува Македонија на детската Евровизија 2025 со песната „Miracle“ – емотивна балада што носи порака за надеж, светлина и верба во себе. Песната е штотуку објавена на официјалниот јутјуб-канал на “Џуниор евровижн сонг контест“ (Junior Eurovision Song Contest), а македонската публика веднаш реагираше со воодушевување. Автори на оваа убава композиција се Лазар Цветкоски (музика и продукција) и Магдалена Цветкоска (текст), а кои стојат зад некои од најуспешните македонски песни.
„Miracle“ е нежна, но моќна балада што го слави човечкиот дух и ја испраќа пораката дека секој од нас носи светлина – доволна за да се создаде некое светско чудо.
13-годишната Нела Манческа е од Скопје, а важи за едно од најперспективните млади имиња на домашната музичка сцена. Таа веќе има освоено бројни награди на меѓународни фестивали, каде што публиката и жирито ја истакнуваат поради нејзината вокална моќ, изразена емоција и исклучителна сценска сигурност. Со „Miracle“ и со Нела на детската Евровизија 2025 во Тбилиси, главниот град на Грузија, на 13 декември, Македонија ќе има со што да се гордее. Таму нашето девојче ќе се натпреварува со најдобрите деца-пејачи од целата Европа и пошироко.
Организаторите на овој евровизиски детски натпревар коментираат дека песната носи „силна и инспиративна порака“, а самата Нела „со својот глас, има харизма и неисцрпна енергија со кои е подготвена да ги освои срцата на гледачите ширум светот“. Инаку, видеоспотот, во режија е на Огнен Шапковски, кој преку кинематографски кадри и топли златни тонови, го претставува патувањето од нежност до сјајот што го има самата песна.












