Нашето грозје завршува на пазарите во Србија и во Црна Гора, каде што се откупува по 60 денари за килограм

Лозарите спасот од ниските откупни цени на грозјето го бараат во соседните земји. Велат дека во соседна Србија, откупната цена на грозјето е три пати повисока откај нас и изнесува 60 денари за килограм, а и Црна Гора нуди повисоки откупни цени за македонското грозје. И покрај транспортните трошоци, тие велат дека, сепак, се исплати да ги товарат камионите и да го продаваат грозјето во некоја од соседните земји. Има и купувачи од Србија и од Црна Гора што доаѓаат тука со цистерни и откупуваат големи количини од нашето грозје, кое е многу квалитетно и е со пониска цена од нивното

1080

Рекордните откупни цени на најзастапените вински сорти грозје – 21,3 денари за килограм вранец и 18,9 денари за килограм смедеревка – за лозарите се далеку од реални и не нудат никаква заработувачка. Лозарите спасот го бараат во соседните земји, каде што го извезуваат грозјето. Велат дека во соседна Србија, откупната цена на грозјето е три пати повисока откај нас и изнесува 60 денари за килограм, а и Црна Гора нуди повисоки откупни цени за македонското грозје. И покрај транспортните трошоци, тие велат дека, сепак, се исплати да ги товарат камионите и да го продаваат грозјето во некоја од соседните земји. Има и купувачи од Србија и од Црна Гора што доаѓаат во Македонија со цистерни и откупуваат големи количини од нашето грозје, кое е многу квалитетно и има многу шеќерни единици.

– Голем дел од лозарите го извезуваат грозјето во Србија и во Црна Гора, кои нудат повисоки цени. Нашето грозје е многу квалитетно и има многу малигани затоа е барано на пазарите во соседните земји. Лозарите што немаат можност да го извезуваат за повисока цена, им го даваат на локалните винарници по 20 денари за килограм. Моментално понудените откупни цени не нудат заработувачка. Треба да бидат барем 30 денари за килограм за да обезбедат покривање на производствените трошоци и за да остане нешто за нас – вели Ратко Зоков, лозар од Кавадарци.

Тој вели дека една фамилија што цела година работи грозје не може да преживее, бидејќи трошоците за наводнување, нафта, препарати за прскање… постојано растат.

– Од 100 декари земја се добива 100 тони грозје, односно по еден тон од декар, а за тоа треба да се вложат 20 илјади евра, што е голем трошок, за кој не знаеш дали ќе ти се врати. Не знам која е математиката на државата, но лозарите работат со загуба. Поради тоа, го носат грозјето во соседните земји, каде што се откупува по едно евро за килограм. Доаѓаат со цистерни од Србија и го откупуваат на самото место, бидејќи нашето грозје е поевтино и поквалитетно од нивното – вели Зоков.

Тој вели дека, освен трошоците за производство, проблем е што не може да се најдат берачи на грозје и што притоа еден работник треба да го платиш 2.000 денари дневно. Овој трошок не е вкалкулиран во откупната цена на грозјето, па поради тоа, како што вели, не се зголемуваат површините со грозје. Тие што го имаат – го работат, но голем дел од лозарите се откажаа од грозјето поради ниските откупни цени последниве години.

Производствената цена за килограм винско грозје за двете најзастапени сорти, вранец и смедеревка, се пресметува согласно со Законот за вино и со методологијата за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет.

– Во Законот за вино е пресметана и 25-процентна заработувачка за лозарите, но во неа не се вкалкулирани транспортните трошоци и трошоците за берба. Исто така, ако се исплати грозјето во готово, таа заработувачка од 25 отсто се намалува за 8 отсто. Со оглед на тоа што грозјето во нашата држава не е стратешки производ, бараме да ни се овозможи неограничен извоз на винските сорти надвор од државата за да се постигне реална вредност на производот за да имаат лозарите економска добивка. Инаку, како и минатата и оваа година цените во околните држави се движат од едно до две евра за килограм винско грозје – изјави претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорѓи Каракашев.

Тој смета дека не може и не смее повеќе да се толерира монополскиот и картелски однос на одредени винарници, кои продаваат премиум вина и освојуваат врвни светски признанија, а на штета на трудот на лозарите. Ние, како Национална земјоделска мрежа, ќе застанеме цврсто и решително во одбрана на интересите на лозарите, додава тој.

Од Министерството за земјоделство, пак, сметаат дека се почитувани сите законски одредби – од објавувањето јавен повик до избор на научна институција, до склучување на договор со научната институција Земјоделскиот институт – Скопје.

– Производствената цена беше креирана од Земјоделскиот институт – Скопје, со што, според пресметките, производствената цена на вранецот изнесуваше 17 денари за килограм. Ако се додадат 25 отсто како добивка кон лозарите, тоа се околу 4,3 денари, односно вкупниот износ од производствената цена и 25 отсто – крајната цена, која претставува откупна цена на вранецот и изнесува 21,3 денари. Додека, пак, за смедеревка, производствената цена изнесуваше околу 15,1 денар и со зголемувањето од 25 отсто, тоа е близу 3,8 денари, откупната цена за смедеревка изнесува околу 18,9 денари – појасни министерот Трипуновски.

Тој додаде дека оваа година се очекуваат околу 25 милиони килограми повеќе грозје од минатата година.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ