Под мотото „Еко мисија,твојот потпис за природата”, Општина Прилеп заедно со јавните претпријатија и со одговорни фирми, викендот реализираше еко акција за чистење на околината.
Околу 1.000 прилепчани се вклучија во акцијата за чистење на загадените предели кај селото Волково, кај Вештачкото езеро, Маркови кули…Опремени со ракавици и вреќи, граѓаните го собираа исфрленото ѓубре од несовесни поединци.
Според градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, било собрано поголемо количество отпад од околу 20 локации.

– Одзивот беше масовен што покажува дека граѓаните имаат сериозна еколошка свест. Се чисти за здрава животна средина. Се вклучивме со локалната администрација и го чистиме пределот под село Волково каде што планираме изградба на рекреативен парк. Излетничките места треба да бидат чисти и достапни за граѓаните – рече Проданоски, напоменувајќи дека капацитетите на јавните претпријатија ќе се подигаат на повисоко ниво.
Тој истакна дека секој вклучен во вакви акции може да направи разлика.
– Нашата средина е наш дом, а домот треба да го чуваме чист! Секој вклучен во акцијата може да направи разлика. Мал чекор за нас, голема промена за нашата заедница – истакна градоначалникот Проданоски.

Во акцијата биле вклучени и младите, ученици од училиштата, кои покажале како треба да се грижат за природата, а воедно ги бојадисувале дрвјата по булеварот.
Од инспекторатот на локалната самоуправа велат дека потешко се откриваат и казнуваат несовесните лица кои исфрлаат отпад насекаде.












