недела, март 1, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нашата држава има што да покаже на глобалната туристичка мапа

Нашата држава има што да покаже на глобалната туристичка мапа

130

На Меѓународниот саем за туризам во Нови Сад на кој Македонија е земја партнер, нашиот туристички потенцијал доби централно место, со посебно уреден простор и со програма што ја истакнува земјата како водечка дестинација. На саемот ќе има повеќе од 250 излагачи, освен од нашата држава, и од Црна Гора, Романија, Унгарија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Словенија и од Русија. Во текот на трите дена, од 27 до 29 ноември, на саемот ќе бидат претставени повеќе агенции, организации, институции, здруженија, туроператори, хотели, бањи, винарници…. Тие ќе обезбедат информации за угостителските и за туристичките објекти, за сместувачките капацитети и настани, за руралниот туризам, за природните убавини и за туристичките дестинации.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на македонската вечер што се организираше во рамките на саемот, им се заблагодари на организаторите, како и на сите партнери и соработници што овозможиле Македонија годинава да биде земја партнер и да ги претстави своите автентични вкусови, звуци и бои и да ја раскаже својата приказна.

– Овде сме да споделиме дел од нашето културно наследство, кое не се мери само со традиции туку и со чувството на припадност, со топлината на гостопримството и со љубовта со која е создавано тоа со векови. Туризмот навистина е мост што ги поврзува луѓето и културите, што создава пријателства, руши бариери и нè потсетува дека убавината на светот е најголема тогаш кога се споделува. А кога зборуваме за убавината, дозволете ми да ви ја доближам мојата земја. Македонија е земја со душа, земја каде што сонцето со векови ја милува истата камена калдрма во Охрид, каде што езерото го чува спокојот на древните легенди, а манастирите низ Бистрица, Плачковица и Осогово како да ја чуваат тишината на времето. Тоа е земја каде што планинските масиви се издигаат со достоинство и ја носат силата на Балканот, каде што реките ја кројат сопствената музика, а селата мирисаат на див чај, на традиција и на живот што се движи побавно, но подлабоко – истакна Љутков во своето обраќање на отворањето.

Македонија, како што рече, е мозаик од култури, религии и од приказни, земја чиј фолклор е жив, чија музика буди носталгија и чија кујна, скокоткајќи го непцето, ја топи секоја бариера меѓу непознатите луѓе.

Тој ги покани присутните да ја посетат Македонија и да ги почувствуваат мирот на езерата, свежината на планините, енергијата на градовите, топлината на народот, да ја вкусат гастрономијата, да го доживеат фолклорот и да прошетаат на места каде што историјата и природата живеат како едно. На крајот, министерот рече дека е уверен дека нема да биде доволна една посета и оти гостите ќе сакаат да се вратат повторно, затоа што Македонија не е само дестинација, таа е и доживување.

За туристичките работници, пак, фактот дека Македонија е избрана за земја партнер на еден од најголемите туристички саеми во регионот носи силна симболика, тоа е признавање на нејзиниот потенцијал како дестинација што има што да покаже на глобалната туристичка карта.

 

ИЗДВОЕНИ