Населбата 11 Октомври Бараки доби нов парк и повеќенаменско игралиште. Од Општина Кисела Вода соопштија дека новиот парк претставува дел од поширокото парковско зеленило, заедно со уште два претходно изградени парка во околината, со што се заокружува вкупната зелена површина од 20.000 квадратни метри само во таа населба. Повеќенаменското игралиште е изградено со финансиска поддршка од компанијата „Видеолотарија касинос Австрија“, во износ од 3,5 милиони денари. Новото игралиште му е посветено на прерано починатиот Драган Крстев, верен член на „комитите“.
– Со овој парк и со претходно изградените два парка во близина, Општина Кисела Вода добива нови 20.000 квадратни метри парковска површина, инвестиција од огромно значење и за здравјето на жителите и за социјалната кохезија, бидејќи парковите воедно се и белите дробови на градот и простори за заедништво и за активен живот – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека создавањето вакви центри за спорт и рекреација, кои ги има над дваесет во Општина Кисела Вода, е визија и заложба на локалната самоуправа, што го реализира веќе три и пол години.
Ѓорѓиевски потсети дека во оваа населба, во рамките на неговиот мандат, се направени и 1.450 метри фекална канализација и дека целосно се реконструирани улиците „Петар Драпшин“ со краците, „Ефтим Спространов“, „Лазар Димитров“, „Лав Толстој“…