Сојузот на ротари-клубовите на Македонија реализираше голема еколошка акција за пошумување, во рамките на која беа насадени над 6.000 медоносни садници во сите градови каде што функционираат ротари-клубовите.
– Акцијата се одржа истовремено во целата држава, со учество на повеќе од 500 волонтери – акцијаши, извидници, здруженија, семејства и граѓани/граѓанки – се наведува во соопштението од Сојузот на ротари-клубови на Македонија.
Во Скопје, акцијата се реализираше во парк-шумата Гази Баба, на терен што беше сериозно погоден од пожарите ова лето. Таму беа насадени 1.500 садници од багрем, јавор и јасен, дрвја од особено значење за пчеларството, биодиверзитетот и за подобрувањето на квалитетот на воздухот.
На настанот активно учествуваа градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кои заедно со волонтерите и „ротаријанците“ придонесоа за обновување на зеленилото и за создавање нова екозона.
Иницијатор на проектот е Сојузот на ротари-клубови на Македонија, со поддршка и координација од Елена Панова (координатор 2024/2025), Милош Радуловиќ (сегашен координатор) и Митко Демировски (иден координатор на Сојузот).
– Со оваа акција, ротари-клубовите ја потврдија својата посветеност кон заштитата на природата и на заедницата. Садењето медоносни дрвја е инвестиција во иднината – за пчелите, за биодиверзитетот и за здравјето на граѓаните – велат од Сојузот.
Акцијата беше спроведена во соработка со општините каде што постојат ротари-клубови, кои обезбедија логистичка поддршка и алати за садење.












