На јутјуб-каналот на виолинистката Пламенка Трајковска, денес ќе биде промовиран видеозапис на композицијата „Гласот на патувањето – Балканска песна бр.14“ напишано за гудачки квартет. Таа се заснова на мелодиска матрица која егзистира во различни варијанти низ регионот, низ следните песни и тоа: македонската „Ој девојче“, турската „Uskudar gider iken“, босанската „Анадолка“, српската песна „Русе косе цуро имаш“ и албанската „Mu ne bahcen tende“

Видеозаписот од најновиот сингл „Гласот на патувањето – Балканска песна бр.14“ на авторката Пламенка Трајковска, нашата позната виолинистка, денеска (30 јануари), во 10.00 часот, премиерно ќе биде претставен пред јавноста на јутуб-каналот: https://youtu.be/U5_UKCZUsEI.

–Албумот претставува уметничка рефлексија врз заедничкото музичко наследство на балканскиот културен простор, сфатен како динамична и историски слоевита звучна средина. Делото е напишано за гудачки квартет и се заснова на мелодиска матрица, која егзистира во различни варијанти низ регионот, низ следните балкански песни, и тоа: македонската песна „Ој девојче“, турската песна „Uskudar gider iken“, босанската песна „Анадолка“, српската песна „Русе косе цуро имаш“ и албанската песна „Mu ne bahcen tende“, вели Трајковска, која посочува дека ова е втор сингл од четиринаесетте Балкански песни кој добива свој видеозапис, откако претходно, на 2. август лани, беше промовирана и Балканска песна број 11, инспирирана од македонската фолклорна тема „Билјана платно белеше“.

Во гудачкиот квартет, покрај Пламенка Трајковска – виолина, учествуваат и Милена Гиевска-Андоновска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело.

„Балканот е интересна дестинација со бројни влијанија од различни цивилизации, а на овој простор има остатоци од многу музички елементи. Музиката, пак, е димензија која има можност да го собира сè она што се случувало низ историјата. Од тој аспект, и секоја земја смета дека најголем дел од тие музички елементи се токму нејзини, автентични. Јас, како професор и музичар, можам да ги забележам сличностите, па дури има и идентични музички елементи кои народите ги обојуваат со сопствен јазик. Си поставив задача да ги пронајдам песните, да ги напишам за гудачки квартет каде што нема текст, да ги адаптирам на уметнички начин и да создадам нови музички слики“, вели Трајковска за весникот ВЕЧЕР.

„Гласот на патувањето – Балканска песна бр.14“ воспоставува дијалог меѓу традиционалното и современото, меѓу фолклорниот извор и камерната музичка практика, третирајќи ја традицијата како жив, подвижен систем што се обликува преку интерпретација, контекст и културна размена. Тој е веќе објавен на сите светски онлајн музички платформи како „Спотифај“, „Ајтунс“ и други и може да се преслуша на следниот линк: https://distrokid.com/…/the-voice-that-travels-balkan…

Проектот беше претставен и лани, во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“, но и во рамките на повеќе културни настани во државата и надвор од нејзините граници.

„Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики кои имаат само еден наслов – балканска композиција“, посочува Трајковска.

Таа досега има направено аранжмани за македонски фолклорни теми во класичен и кросовер стил и тоа на „Ој девојче“, „Слушам кај шумат шумите“, „Елено ќерко“, „Ај да бегаме мори Васе“, „Ламенто вело“…  (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ