Трајко Славески седна во гувернерската фотеља. Со денешното примопредавање заврши мандатот на д-р Анита Ангеловска-Бежоска која истакна дека изминатите години биле период на силни реформи, модернизација и одржување на макроекономската стабилност, дури и во време на сериозни светски предизвици.
Ангеловска-Бежоска изрази благодарност до вработените во Народната банка за нивната исклучителна посветеност, професионалност и за нивниот придонес во унапредувањето на институцијата, за што потврда се високите оценки од меѓународните финансиски институции. Исто така, му го честита мандатот на новиот гувернер и му посака успеси во остварувањето на законски дефинираните цели на Народната банка, како професионална, независна и кредибилна институција.
Вовоизбраниот гувернер истакна дека преземањето на функцијата ја носи со себе големата одговорност за водење на една од најважните институции во земјата.
– Ќе се залагам за натамошно зајакнување на стабилноста на макроекономското и финансиското опкружување, со политики коишто се темелат на професионалност, аналитичка аргументираност и транспарентност. Ќе работам посветено на јакнење на довербата на јавноста и на меѓународните партнери во Народната банка, градејќи визија којашто им одговара на предизвиците на современото време и на потребите на нашата економија – рече Славески.