Народната банка ја задржа каматата на благајничките записи на 5,35 отсто

17

Каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35 %, а каматните стапки на депозитите прекуноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95 % и 4 %, соодветно. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука, која беше донесена на седницата на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, се задржува внимателниот карактер. И натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе придонесе за ценовна стабилност на среден рок и за стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

Во услови на стабилен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката беше ставен на остварувањата кај инфлацијата и на ризиците поврзани со надворешното окружување и со домашните фактори што влијаат на агрегатната побарувачка. Во услови на нестабилен геополитички амбиент и воведување протекционистички мерки, забележлива е и зголемена променливост на пазарите на примарни производи.

Просечната инфлација, во периодот јануари − февруари 2025 година, изнесува 5 %, при пониска споредбена основа од тој период од претходната година, но и при натамошен умерен раст на дел од ценовните категории на месечна основа. Месечната динамика на инфлацијата од почетокот на годината, главно, произлегува од цените на храната и од енергетската компонента, додека базичната инфлација има неутрален придонес. Воедно, и годишната динамика на базичната инфлација е релативно стабилна, при што во февруари беше забележано и одредено забавување. Во однос на инфлациските очекувања, во рамките на февруарските анкети на Европската комисија за очекувањата на потрошувачите, преовладуваат очекувањата за поголемо намалување на цените во следниот период. Последните проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети претежно во нагорна насока, што упатува на ризици и на потреба за внимателност.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви, на крајот од февруари, изнесува 4.861,3 милиони евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Промената кај девизните резерви од почетокот на годината е близу до очекувањата за првиот квартал на 2025 година. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во јануари 2025 година засега е малку понизок во споредба со очекувањата за првиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар, заклучно со февруари 2025 година, упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери, во споредба со проекциите за првиот квартал. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во четвртиот квартал од 2024 година е незначително повисок од очекувањата во согласност со октомвриската проекција, при истовремено повисоки остварени нето финансиски приливи во однос на очекувањата, особено кај директните инвестиции.

Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во март беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п., под влијание на согледувањата за движењето на инфлацијата и силината на преносот на монетарните сигнали во еврозоната.

Економскиот раст, во последниот квартал од 2024 година, благо забрза и достигна 3,2 %, што е речиси идентично со проекциите на Народната банка. Просечниот раст остварен за целата 2024 година изнесува 2,8 % и е повисок од очекувањата, при нагорни ревизии во податоците за првата половина од годината. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2025 година во моментов се ограничени за попрецизни согледувања. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани, пред сѐ, со случувањата во надворешното окружување, но и со брзината и обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, кои и натаму се повисоки од очекувањата за првиот квартал од годината, укажувајќи на поголема кредитна поддршка на економијата од очекувањата.

 

ИЗДВОЕНИ