Годишен раст на каматите кај депозитите, а пад кај кредитите на годишно ниво, покажува најновиот извештај на Народната банка. Така, просечната каматна стапка на вкупните депозити е порасната за 0,35 п.п., при што во мај таа изнесува 2,21%. Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,43 п.п. и изнесува 5,06%.
Во мај, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 4,66% и е пониска за 0,07 п.п. во споредба со претходниот месец. Надолната промена е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,08 п.п. и 0,07 п.п., соодветно), при забележан пад и на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,01 п.п.). Во споредба со мај минатата година, оваа каматна стапка бележи намалување од 0,65 п.п.
Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, во мај, бележи месечно зголемување од 1,25 п.п. и изнесува 4,67%.
– Месечната промена се должи на растот на каматните стапки на сите компоненти и тоа: каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 1,35 п.п. и 0,46 п.п., соодветно) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,17 п.п.). Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,49 п.п – велат од Народната банка.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата, во мај, забележа месечен раст од 0,12 п.п. и изнесува 4,79%. Притоа, растот во целост се должи на зголемените каматни стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,09 п.п.), при пад на каматните стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,05 п.п. и 0,04 п.п., соодветно). Годишниот пад на просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата изнесува 0,47 п.п.
– Во мај, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува 2,15% и бележи месечно зголемување од 0,01 п.п. Месечната промена произлегува од растот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,01 п.п., соодветно), во услови на пад на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Во споредба со истиот месец претходната година, оваа каматна стапка е повисока за 0,34 п.п – потенцираат од НБ.
Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата овој месец е пониска за 0,08 п.п. и изнесува 2,34%. Притоа, падот е резултат на намалените каматни стапки на депозитите во странска валута и каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,24 п.п. и 0,02 п.п., соодветно).
– Во мај, банките и штедилниците не евидентирале новопримени денарски депозити со валутна клаузула. На годишна основа, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е намалена за 0,02 п.п – потенцираат од Народна банка.