– Ова признание е потврда за континуираната посветеност и за креативноста на целиот ансамбл на МНТ. Горди сме што претставата „Народен пратеник“, во режија на Егон Савин, успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот. Победата во Врање не е само успех на претставата туку и на целата институција, која постојано вложува во уметничките вредности, професионализмот и во меѓународната соработка – изјави директорот на МНТ, Никола Кимовски

Главната награда „Борисав Станковиќ“ за најдобра претстава во целина на 45. фестивал „Борини позоришни дани“ во Врање, Србија, ѝ припадна на претставата „Народен пратеник“, во продукција на Македонскиот народен театар.
Со едногласна одлука, жирито во состав: Наташа Гвозденовиќ, театарска критичарка; Трајче Кацаров, драматург и Васил Василев, театарски режисер и претседател на жирито, во образложението истакна дека претставата „се издвојува како најдобра, бидејќи е комплексно и вешто режирана и е сместена во автентичен простор што го засилува доживувањето на дејството“.

– Ова признание е потврда за континуираната посветеност и за креативноста на целиот ансамбл на МНТ. Горди сме што претставата „Народен пратеник“, во режија на Егон Савин, успеа да ја пренесе универзалноста на Нушиќевата комедија и да ја доближи нашата театарска енергија до публиката во регионот. Победата во Врање не е само успех на претставата туку и на целата институција, која постојано вложува во уметничките вредности, професионализмот и во меѓународната соработка. Ова е поттик да продолжиме со уште поголем ентузијазам и креативна сила – изјави по овој повод директорот на МНТ, Никола Кимовски.

Ова сценско остварување на големиот комедиограф Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, еден од водечките театарски режисери на Балканот, беше изведено на сцената „Бора Станковиќ“ на 24 октомври. Во претставата, со брилијантна актерска игра настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.

Фестивалот „Борини позоришни дани“ годинава се одржа од 21 до 28 октомври, под слоганот „Смеење, тишина, вистина и уште по нешто“. Веќе четири и пол децении овој фестивал претставува значаен културен репер на српската театарска сцена, промовирајќи висококвалитетни сценски уметности и создавајќи простор за дијалог меѓу различните естетики и културни вредности. Во конкуренција за наградите годинава учествуваа седум претстави, а фестивалот по третпат имаше меѓународна селекција. Четири претстави беа од Србија, две од Република Српска и една од Македонија.
– Со учеството и со победата на овој престижен фестивал, Македонскиот народен театар уште еднаш ја потврди стратешката ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност – посочуваат од МНТ.

Инаку, неодамна претставата се изведе и во рамките на 42. интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина, каде што од публиката беше наградена со неколкуминутен стоечки аплауз и со овации. Како што соопштија од МНТ, притоа голем број босански новинари покажале интерес за македонските актери, кои во низа интервјуа споделиле впечатоци за претставата, за творечкиот процес и за учеството на фестивалот во Брчко.

Да потсетиме, претставата ова лето ја доби и специјалната „Стериина награда“ за колективна актерска игра во Нови Сад, а веднаш потоа беше изведена и на сцената на Народно позориште во Белград.

ИЗДВОЕНИ