Наредните денови ќе покажат дали војната меѓу Русија и Украина ќе се приближи кон Европа или дали „пламенот на војната ќе биде изгаснат засекогаш“, изјави денес унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Доколку важните преговори меѓу САД и Русија бидат успешни, жештината на војната ќе стивне и народот на Унгарија ќе може полесно да дише. Меѓутоа, доколку преовлада волјата на Европејците, кои веруваат дека војната треба да продолжи и да се решава на бојното поле, а не со барање мир, војната би можела да се прошири поблиску и заканата да расте“ – рече Орбан, објави MTI.
Тој исто така рече дека оние кои имаат моќ преговараат, оние кои немаат, разговараат, објави Magyar nemzet.
Русите и Американците преговараат, Европејците се исклучени од преговорите, тие претпочитаат да разговараат – рече Орбан.
Според него, ние сме во опасен момент, но во таков „момент“ сме биле континуирано во последните четири години.
„Имаше разлики во различни фази. Сепак, наредните денови ќе одлучат дали војната ќе се приближи до Европа или пламенот на војната ќе се изгасне. Ако руско-американските преговори бидат успешни, тој ќе биде помал (пламенот). Нема да бидеме надвор од опасност, но ризикот ќе биде помал. Ако преовлада волјата на Европејците, војната би можела да ни се приближи, а заканата од војна би можела да расте“ – рече Орбан.












