петок, октомври 16, 2026
Дома СВЕТ Наредбата што ги парализираше украинските дронови ја дала Белата куќа, сега ЕУ...

Наредбата што ги парализираше украинските дронови ја дала Белата куќа, сега ЕУ доаѓа на помош

1
EPA/MARIA SENOVILLA

Украинските власти објавија дека воените приемници „старлинк“ престанувале да работат кога ги поставувале на објекти со голема брзина, што ги  нарушило операциите на украинските беспилотни летала кои го користат системот за навигација и водење за време на летовите над украинската територија. Вчера, европските лидери се собраа околу Зеленски на самит и порачаа дека ЕУ ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Украина и нема да ги укине санкциите против Русија

Наредбата за ограничување на работата на сателитскиот систем што го користи украинската војска за комуникација на бојното поле и контрола на беспилотнитe летала, дошла од Белата куќа, потврдиле ексклузивно за „Ројтерс“ двајца американски и еден западен функционер запознаени со случајот.

Тие велат дека раководителите на Министерството за одбрана на САД добиле порака дека е потребно да се ограничи работата на системот „Старшилд“, кој го користи украинската армија во своите операции, но не откриле кој во Белата куќа донел таква одлука или кој бил задолжен за нејзино спроведување. Пентагон е најголемиот корисник на „Старшилд“, што е воена верзија на сателитската интернет-услуга „старлинк“, која ја развива компанијата „Спејс икс“ на Илон Маск.

Украинските власти објавија оваа недела дека воените приемници „старлинк“ престанувале да работат кога ги поставувале на објекти со голема брзина. Ова ги нарушило операциите на украинските беспилотни летала кои го користат системот за навигација и водење за време на летовите над украинската територија. Извор од украинското Министерство за одбрана изјави дека приемниците повторно работат додека се движат, но само со брзина до 160 километри на час. Ограничувањето на работата на комуникацискиот систем, клучен за украинските воени операции, дојде во време кога американскиот претседател Доналд Трамп го засилува притисокот врз Киев да ги запре нападите врз руските рафинерии за нафта. Висок американски функционер изјавил дека претседателот никогаш не дал наредба за ограничување на „Старшилд“, а претходно Маск, објави преку „Икс“ дека тие системи се во сопственост и под контрола на владата на САД и дека сите ограничувања на брзината или нивната употреба ги одлучува американската војска или претседателот. Украинските претставници контактирале со високи претставници на Белата куќа, Стејт департментот и Пентагон и добиле одговор дека одлуката дошла од Белата куќа.

Односите меѓу Киев и Вашингтон дополнително се влошија по состанокот одржан на 9 октомври во Мајами, на кој учествуваа претставници на САД, Украина, Европа и Светската банка. Според извор запознаен со разговорите, зетот на Трамп, Џаред Кушнер, и Стив Виткоф, специјалниот претставник на американската администрација за Блискиот Исток, зазеле особено строг став кон украинските претставници, на кои им било кажано дека Вашингтон е незадоволен од продолжувањето на украинските напади врз руските рафинерии. Во последно време, Трамп и Зеленски си разменуваат остри зборови, иако, како што пишува „Политико“, украинскиот лидер е свесен дека спротивставувањето на Трамп може да има сериозни последици, но исто така знае дека попуштањето пред американскиот претседател, кој покажува сè поголема подготвеност за склучување трансакциски договори со Путин, би можело да биде уште поопасно.

По зачестените критики на Трамп, Киев се потпира на европските сојузници. Вчера европските лидери се собраа околу Зеленски на самит и порачаа дека ЕУ ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Украина и нема да ги укине санкциите против Русија.

– Можете да сметате на нас, порача претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.

Русија не остана нем посматрач на овој собир, па пред пристигнувањето на Зеленски, презеде чекори за ставање на локалните средства на француски, германски, шведски и холандски компании под привремена државна управа.

ИЗДВОЕНИ