По најавата дека и за пратките од странство до 22 евра ќе се плаќа данок на додадена вредност, со што тие ќе поскапат за 18 отсто, не престануваат реакциите на граѓаните. Некои сметаат дека измените на Законот за ДДВ се на барање од македонските трговци, кои се почувствуваа загрозени од експанзијата, пред сè, на кинеската онлајн платформа за продажба, „Тему“ во Македонија. Еден од коментарите на социјалните мрежи е дека „Тему“ им покажала на македонските граѓани колку, всушност, се нереални цените на нашите трговци, кои ги правдаат со повисок квалитет на нивните производи, а, всушност, дел од нив купуваат производи токму од вакви платформи, кои потоа ги продаваат по повисока цена за неколку пати.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија за весникот ВЕЧЕР велат дека и до нив пристигнале низа прашања околу тоа што ќе се оданочува, каде и како ќе се плаќа ДДВ-то за производите од „Тему“.
– И покрај тоа што сè уште не е донесен законот и не е започната неговата примена, има многу неразјаснети работи. На граѓаните сè уште не им е јасно кои пратки ќе се оданочуваат, каде и како ќе се плаќа данокот и колку ќе ги чини производот по оданочувањето. Треба да се дадат јасни информации како ќе се плаќа данокот и за колку ќе се зголеми цената на пратката од 22 евра со платен данок. Така ќе може да си направат пресметка дали ќе им се исплати да го порачаат производот преку Интернет или да го купат во физичка продавница – вели Татјана Тасевска, правен советник на ОПМ.
Според неа, ова се однесува претежно на нарачките од „Тему“, бидејќи оваа онлајн платформа не е влезена во системот ИОСС на ЕУ, преку кој се пресметува и наплаќа данокот со самата нарачка.
– Овој систем го користат голем број платформи за онлајн трговија, со тоа што данокот се пресметува и наплаќа со правење на нарачката и со наплата на производот. Сè додека „Тему“ не е приклучен на тој систем, граѓаните треба да знаат дека се можни дополнителни трошоци и доцнење при доставувањето. Така што сега нарачките, освен што ќе доцнат, ќе бидат и поскапи – појаснува Тасевска.
И од Асоцијацијата за е-трговија сметаат дека треба сериозна подготовка за ваквото решение од страна на сите оператори, и тоа поштата, поштите за брзи пратки, царината. Во ЕУ има систем преку кој продавачот го плаќа данокот, а купувачот нема никаков административен товар или процедури што треба да ги сноси. Со оглед на тоа што ние не сме подготвени за ваков систем, тоа ќе значи администрација и товар за купувачите, кои би се обесхрабриле за онлајн купување однадвор.
Од Министерството за финансии, кое ги бара измените, информираа дека преку оданочувањето на овие пратки ќе се зајакне домашната економија, ќе им се даде поддршка на локалните компании….
– Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, за отворање нови работни места и за исплата на повисоки плати на вработените. Измените ќе помогнат во намалувањето на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби, односно увоз на стоки ослободени од данок, кои понатаму се продаваат на домашниот пазар – стои во соопштението од Министерството за финансии.
Се очекува овој предлог-закон за измени на Законот за додадена вредност да биде усвоен по изборите. Со ова би се укинало ослободувањето од плаќање ДДВ за производите од странство во износ до 22 евра. Тоа ќе значи автоматско поскапување на сите нарачки за 18 отсто. Во моментов, за пратки до 22 евра нема дополнителни трошоци, а за над 45 евра се пресметуваат царина и ДДВ. Исклучок ќе останат само „малите пратки од некомерцијална вредност“ испратени од физичко лице до физичко лице до 22 евра.
Овие измени на правилата за електронска трговија доаѓаат во време кога енормно е порасната вредноста на направените онлајн трансакции. Официјалните податоци на Народната банка велат дека во првите шест месеци од годинава биле направени онлајн трансакции во вредност од 456 милиони евра или близу 35 отсто повеќе споредено со минатата година.
(А. С.)