Жителите на Стар Аеродром велат дека повеќе од една година местото е претворено во депонија. Реагираат дека во изминативе месеци се ширел тежок мирис, бидејќи дивовселените користат најлон, пластика и друг отпад за затоплување во напуштените бараки. Освен тоа, се жалат дека има зголемен број кучиња скитници во целиот реон. Некои од нив сметаат дека треба да се урнат бараките, а дивонаселените да си одат од каде што дошле. Други, пак, ги сожалуваат бидејќи нема каде да одат, додека трети коментираат дека е потребно да им се доделат социјални станови. Дел од нив предлагаат да се реновираат бараките и да им се доделат врз основа на социјални критериуми. Од Општина Аеродром известуваат дека ги имаат задолжено сопствениците да ја одржуваат посочената парцела, која е во приватна сопственост

 

Жителите на Стар Аеродром бараат решение на проблемот со дивонаселените ромски семејства во напуштените бараки на улицата „Вангел Тодоровски“ во Стар Аеродром, каде што живеат во супстандардни услови. Тие велат дека повеќе од една година местото е претворено во депонија.

Реагираат дека во изминативе месеци се ширел тежок мирис бидејќи дивонаселените користат најлон, пластика и друг отпад за затоплување. Освен тоа, се жалат дека има зголемен број кучиња скитници во целиот реон.

Некои од нив сметаат дека треба да се урнат бараките, а дивонаселените да си одат од каде што дошле. Други, пак, ги сожалуваат бидејќи нема каде да одат, додека трети коментираат дека е потребно да им се доделат социјални станови. Дел од нив предлагаат да се реновираат бараките и да им се доделат на дивонаселените врз основа на социјални критериуми.

– Државата треба да најде решение за овој проблем. Како градоначалникот на Кавадарци им обезбедил плацови и куќи на дивонаселените Роми? Тоа може да го направат и нашите градоначалници со дислокација од местата што не прилегаат за живеење – децидни се жителите на Стар Аеродром.

Дополнителен проблем е што инвеститорот на објектот што е во градба истура шут врз покривот на соседната барака, што претставува опасност од негово уривање, но и го претвора местото во градежна депонија.

Граѓаните се децидни дека Општина Аеродром мора да интервенира на локацијата, бидејќи по случувањето инцидент, ќе биде доцна.

– Треба да помине инспектор од Општината, да донесе решение дека е напуштен објектот и да му наложи на сопственикот да го затвори со тараби, лим. Затворање на вратите, прозорците итн. За сè има решение доколку се сака да се работи по прописи – предлагаат жителите и додаваат дека покажува историјата зашто се неспособни институциите да решат проблем со дивонаселени лица.

– Тоа го видовме и со „Вардариште“ и со „Ранка Милановиќ“ – децидни се околните жители.

Од Општина Аеродром известуваат дека ги имаат задолжено сопствениците да ја одржуваат посочената парцела, која е во приватна сопственост.

– Парцелата е исчистена во повеќе наврати, од страна на сопствениците, а воедно е поставена и ограда. Инспекциската служба на Општина Аеродром врши редовни контроли за следење на состојбата на терен и за почитување на законските обврски – образложуваат од Општина Аеродром.

Општинските власти информираат дека во согласност со Деталниот урбанистички план од 2012 година, на местото на бараките е предвидена изградба на објект за колективно домување.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ