Напуштени кучиња шетаат низ гробовите во Бутел

34

Јавното претпријатие „Лајка“ алармира за сериозен пораст на случаите на напуштање на домашните кучиња во околината на Градските гробишта Бутел.

– Во последниот период, нашите теренски служби и граѓанските пријави укажуваат на континуирано напуштање на кучињата од неодговорните сопственици, кои ги доведуваат животните од различни делови на градот на оваа локација и ги оставаат – соопштија од „Лајка“.

Тие додаваат дека оваа појава, покрај тоа што претставува суровост кон животните, сериозно ги нарушува и јавното здравје, безбедноста на граѓаните, како и функционирањето на објектите од јавен интерес на таа територија.

– Напуштените кучиња, често нестерилизирани, се размножуваат, гравитираат на поширокото градско подрачје и го усложнуваат предизвикот на контрола на популацијата на бездомни животни – укажуваат од ЈП „Лајка“ за негативните последици.

Од претпријатието апелираат до граѓаните да не ги напуштаат животните, бидејќи тоа дело е казниво согласно со Законот за заштита и благосостојба на животните, да ги пријавуваат ваквите случаи до надлежните институции, со можност за доставување видео или фотодокази, како и да се информираат за можностите за вдомување, стерилизација и за одговорно сопствеништво.

При тоа, најавуваат дека во соработка со инспекциските служби ќе ги засилат контролите и ќе поднесат пријави против сите лица што ќе бидат фатени при ваков прекршок.

– Одговорното сопствеништво започнува дома – секое животно заслужува грижа, а не да биде оставено на улица. Само со заедничка одговорност можеме да изградиме хумано и безбедно општество – сметаат од ЈП „Лајка“.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ